Се чека зелено светло за старт на амбулантите во болницата

Екипирани се сите оддели во болницата, здравствените работници кои што биле позитивни на вирусот ковид-19 вратени се на работа и само се чекаат насоки од Министерството за здравство да се отворат амбулантите за пациентите, информира директорката Снежана Захариева, посочувајќи дека планот за функционирање на амбулантите во вакви околности е направен и веќе доставен до електронскиот систем „Мој термин“.

-Тие би функционирале по принцип – секоја амбуланта да даде термини, да ги нема оние термини што се, односно упати што важат по недела дена, туку само итни и термински, но термини би се пуштале ограничено за период од еден ден. Ние го доставивме овој план до „Мој термин“ и чекаме зелено светло од нив да ни одобрат да видиме кога би можеле да отпочнеме со работа. Ако тоа биде во тек на наредната недела, ние секако ќе ве известиме бидејќи планот е изготвен. Амбулантите се подготвени, персоналот е екипиран, така што од таа страна ние немаме проблеми, меѓутоа веројатно е потребно да е направи една подетелна анализа и од Комисијата за заразни болести и од Комисијата за здравство за да добиеме зелено светло за отпочнување со работа на амбулантите. Факт е дека пациентите се нестрпливи, навистина имаат потреба од здравствена заштита, и на нас не ни е драго што сите што  доаѓаат,  доаѓаат како итни случаи, дали е тоа во вечерните часови, дали преку ден, преку ден пак, се згрижуваат кај матичните лекари, меѓутоа факт е дека расте бројот на прегледи и во хируршката амбуланта и во амбулантата во Ургентниот центар, на Интерниот оддел исто така, и хоспитализации и прегледи се повеќе,  така што условите од страна на оваа наша установа и желба на пациентите има, но треба да се направи проценка дали е безбедно и колку пациенти можеме да примиме, изјави Снежана Захариева, директор на ЈЗУ Општа болница Куманово

Што се однесува до општите препораки од СЗО и од министерството за здравство, директорката Захариева потенцира дека ќе бидат запазени сите насоки во смисла на достапност на средствата за дезинфекција, држење безбедно растојание кое што, според неа, во почетокот ќе мора да се контролира, сметајќи дека со тек на времето и самите пациенти ќе стекнат навика, иако некои веќе навикаа дека мора да функционираме во поинакви услови.

Коментари

коментар(и)