Се чисти дивата депонија во „Перо Чичо“

Екипа на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, во соработка со локалната самоуправа, интензивно ја чисти дивата депонија која што се наоѓа во близина на населбата „Перо Чичо“. Акцијата ќе трае пет дена, а надлежните се надеваат дека граѓаните ќе се освестат и повеќе нема да ја загадуваат животната средина.

-Ова се акции кои наназад 10 години во пет-шест наврати се спроведуваат но резултатите ги гледате самите. Поради негрижа и однесување на граѓанството во некој сегмент гледате што се случува и после завршени акции. До сега се изнесени над 50 камиони депониран смет, имаме уште оваа долната депонија која ја полнат несовесните граѓани кои изнесуваат шут. Мислам дека овој потег е чистен најмалку седум пат по ред-изјави градоначалникот Дамјановски.

Дамјановски најави дека во наредниот период ќе започнат засилени контроли на комунални инспектори, кои ќе поднесуваат  прекршочни пријави и мандатни казни за сите лица кои се однесуваат несовесно кон животната средина. Директорот на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, Сашо Петрушевски се надева дека граѓаните ќе го прифатат апелот и дека ќе се реши проблемот со оваа дива депонија.

-Овде има шут има разни стари железа, машини, според некои мои сознанија мислам дека и одредени фирми кои прават отпад, овде го депонираат, што е вонзакон и сите комунални правила во Република Македонија-додаде тој.

Од општината уште еднаш ги повикаа граѓаните да не фрлаат комунален смет, но и градежен шут и да не ја загадуваат животната средина, бидејќи тоа може да влијае на здравјето. Тие се надеваат дека наскоро како што најави Владата на Република Македонија со реконстукција на пругата Куманово Бељаковце, ќе се постави звучна ограда и воедно ќе ја снема оваа депонија.

Коментари

коментар(и)