Симулациона вежба –„ Поплава со повредени и давеници“

Теренска симулациона  вежба – Поплава со поголем број повредени, давеници и повредени бремени жени денеска беше реализирана на речното корито на реката Липковка во паркот кај автобуската станица. Екипите на Итна медицинска помош, Општа болница , Црвен Крст на РМ, Црвен Крст на ОО Куманово , ТППЕ Куманово, општината, полицијата,  РЦУК – Куманово, ДЗС  и невладината организација  ХЕРА кои што беа учесници на вежбата покажаа дека се на висина на задачата.  Цел на симулационата вежба е да се тестираат посебните Стандардни оперативни процедури (СОП) од Планот за подготвеност и одговор на здравствениот систем при справување со итни, кризни состојби и катастрофи на Република Македонија и Планот за одговор при кризни состојби на Општа болница Куманово.

Теренската вежба е во организација на Општина Куманово,  Регионалниот  центар за управување со кризи, министерството за здравство, Светска здравствена организација и Фондот за население на Обединетите  Нации.

-Одлична можност да видиме како функционира координацијата помеѓу сите екипи кои што  треба да се вклучени во една ваква ситуција, одлична симулација, одлична организација . Иницијалните мерења покажуваат дека сме неколку минути пред тајмингот,  така што сметам дека ова е уште еден доказ дека имаме навистина спремни служби кои што можат да излезат на терен и да понудат здравствена заштита таму каде што е неопходно , дури и во ваква кризна ситуација, изјави Венко Филипче, министер за здравство

-И нашите општински служби и државните надлежни служби покажаа  највисоко ниво на професионалност. Денеска и самите сме сведоци дека ние сме подготвени да се справуваме со вакви ситуации , но секако не ги посакуваме , камо среќа да нема потреба никогаш  да реагираме вака, но секако службите треба да бидат подготвени,  изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Фондот за население на Обединетите  Нации  се залага за достоинство, безбедност и здравје на сите жени во хуманитарни услови. Фондот  ја поддржа Владата при изработка на сеопфатен план  за подготвеност  при услови на криза и поддржуваме изработка на годишни планови , од кои дел е и денешната вежба, рече претставникот на канцеларијата на Фондот во државата, Соња Таневска.

– Во услови на хуманитарна криза, жените и девојките се поранливи и имаат специфични потреби кои често не се земаат предвид. На жените и девојките им се потребни услуги за безбедна бременост и породување како и заштита од насилство,  изјави Соња Таневска, Канцеларија на УНФПА во РМ

-На многу начини оваа симулација е подобра од вистински настан бидејќи нема загрозени животи. Тоа ни дава можност да го тестираме одговорот и подготвеноста на здрвствениот систем  во безбедена средина и да ги подобриме плановите и системите, поготово сега кога веќе имаме алатки за тоа, изјави Џихане Тавила, Светска здравствена организација

Според податоците на Фондот за население на Обединетите Нации денес во светот повеќе од половина случаи на мајчина смртност се јавуваат во услови на катастрофи. Секој ден 507 жени  и девојки умираат во текот на бременоста и породувањето во хуманитарни услови.

Коментари

коментар(и)