Симулирана сообраќајна незгода во противпожарната станица

Во чест  на претстојниот празник 8-ми Септември, Денот на  независност на Р.М. беше одражана манифестацијата „Заедно за граѓаните“  организирана од Советот на Општина Куманово во соработка со полицијата, Здравствениот дом, општинскиот Црвен Крст и противпожарната единица. Во противпожарната станица беше изведена  показна вежба на симулирана сообраќајна незгода пред граѓаните, учениците од основните и средни училишта, и претставници од повеќе јавни институции. Сообраќајката ја демонстрираа волонтерите од Црвениот Крст, во евакуација на жртвите од несреќата се вклучи противпожарната екипа, лекарска тим им укажа помош на повредените, а полицијата излезе на терен да изврши увид. Претседателот на Советот на општината, Максим Димитриевски, им се заблагодари на сите кои дадоа придонес за реализација на проектот.

-Живееме во мултиетничка средина и се обидуваме да градиме мултиетничко општество, дојдено е време кога треба да се превземаат посериозни чекори и похрабро да се соочиме со реалност. Она што ни се случи на 9 и 10 мај посакувам никогаш да не се повтори, сигурен сум дека ние го пребродивме тој момент и се чуствуваме посплотени, извлековме заклучоци и едноставно ќе кажеме не на милитантизмот и не на оружјето, вели Максим Димитриевски, Претседателот на Советот на Општина Куманово.

Командирот, Деан Илиевски ги запозна присутните со историјата на кумановската територијалната противпожарна единица. Тој објасни дека почетоците датираат од 1932 година како доброволно противпожарно друштво,а по Втората Светска војна прераснува во професионална противпожарна единица.

-Од 2005 година противпожарната екипа е во состав на локалната самоуправа. Покрај тоа што работиме првенствено на заштита и гаснење на пожари, дејствуваме и во услови на елементарни непогоди како што се поплави, лизгање на земјишта, земјотреси и во сообраќајни незгоди, вели Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.

Раководителот на отсекот за превенција при СВР Куманово, Виолета Богдановска ја поздрави иницијативата за организација на манифестацијата и ја објасни работата на полицијата.

-СВР Куманово е дел од МВР и покрива подрачје од шест општини од кои најголема и најбројна е општина Куманово, со најголем број на проблеми. Нашите службеници најпрофесионално се обидуваат да ги решаваат, а секако за тоа е потрабна помош и соработка од сите, особено од граѓаните, вели Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција.

Целта на проектот  е поблиско запознавање  со институциите кои се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир и безбедносната состојба на градот. Освен показната вежба за симулирана сообраќајна незгода пред присутните беше прикажана и криминално-техничка обработка на траги и докази, земање на парафинска ракавица и начинот на работа на кучињата трагачи.

Коментари

коментар(и)