Сите плаќаат за одведување на отпадни води

Зошто граѓаните односно домаќинствата кои што не се приклучени на канализациона мрежа освен за потрошена вода, плаќаат и за одведување и прочистување на отпадните води го праша директорот на јавното претпријатие Водовод, советникот Сашо Стошевски на последната седница. Стошевски смета таквите домаќинства неправедно имаат дополнителен трошок на месечно ниво, односно за секој потрошен кубик вода се наплаќа уште по 15, 33 денари без ддв, за одведување и прочистување на отпадни води, надомест за услуга која што граѓаните не ја добиваат од „Водовод“.

-Нели сметате дека  тие граѓани или домаќинства се обесправени бидејќи тие имаат реален трошок, отпадните води ги спроведуваат во јами кои ги копаат , потоа за истата отпадна вода плаќаат цистерни за изнесување , а ваму се оптоварени со сметка за водовод каде што во просек од 150 до 160 денари плаќаат и таму за прочистување на отпадните води. Нели сметате дека треба да се направи друга методологија и на тие обесправени граѓани да не им ставаме дополнителен трошок? , рече Сашо Стошевски, советник

Директорот на „Водовод“  Горан Стојановски, објасни дека јавното претпријатие работи согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води , а цената на оваа услуга ја определува Регулаторната комисија на РМ , формирана во 2011-та година . Советот на Општина Куманово само ја потврдува цената што ја утврдува регулаторната комисија. Во регулативата што е предвидена од страна на регулаторот стои дека станува збор за канализационен систем кој што го плаќаат  сите граѓани, појасни Стојановски.  

-Канализационен систем не е само приклучок кој што граѓаните го имаат или го немаат до главната водоводна мрежа, канализациона мрежа, односно до колекторот туку согласно закон за снабдување со вода и одведување на урбани отпадни води што е канализационен систем: е збир на хидротехнички објекти и тоа колектори, магистрални канали, улична и канализациона мрежа, атмосферска канализациона мрежа, црпни станици, сифони, постројки за пречистување на урбани отпадни води. Општина Куманово има околу 35 километри атмосферска мрежа за која што плаќаме, лично кај мене , мислам кај Вас, а и кај голем број од граѓаните нема атмосферска мрежа, но согласно законот ќе плаќаме. Исто така нема голем број на колектори, но согласно законот плаќаме, ова ваше прашање има основа, но за жал законската регулатива е таква каква што е . Чисто како пандан на вашето прашање се поставува едно прашање , а се работи за исто така голем број на жители како што спомнавме за овие што немаат канализациона мрежа. Исто така има голем број на жители на општина Куманово кои што не користат вода од ЈП Водовод и правни субјекти и поради тоа воопшто не плаќаат за вода, а користат канализационен систем и систем за прочистување, затоа што преку канализација нивната отпадна вода преку бунари, хидрофори итн. завршува во нашата пречистителна станица, рече Горан Стојановски, директор на ЈП „Водовод“

Стојановски додаде дека преку здружението на комунални претпријатија на РМ веќе е покрената иницијатива за решавање на овој проблем, дури една иницијатива пристигнала и до Уставниот суд , но додека не добијат одговор, граѓаните ќе мора да ја почитуваат постоечката законска регулатива, односно да ја плаќаат и услугата одведување и прочистување на отпадни води, бидејќи станува збор за канализационен систем ,а не само за приклучок.

Коментари

коментар(и)