СН Осигурителен Брокер АД Битола им исплати камата од 6% на имателите на корпоративна обврзница

СН Осигурителен Брокер АД Битола им исплати камата по каматна стапка од 6% на годишно ниво на имателите на Корпоративна обврзница – емисија на обврзници со ИСИН код MKSNOB200014 и шифра на тргување SNBTO.

Каматата беше исплатена во текот на вчерашниот ден, при што право на камата имаат лицата регистрирани во книгата на иматели на Корпоративна обврзница – емисија на издавачот СН Осигурителен Брокер АД Битола во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 28.02.2023 година.

За илустрација, секој што вложил 1.000.000 денари во корпоративната обврзница на СН Осигурителен Брокер, вчера остварил принос од 6 отсто, односно 60.000 денари годишна камата. Ова е највисоката камата не само од корпоративна обврзница, туку споредено и со други финансиски инструменти, бидејќи истиот износ на пари вложен во класичен банкарски депозит или орочен штеден влог во денари или евра, носи помал принос.

СН Осигурителен Брокер АД Битола е и првиот правен субјект од нефинансискиот сегмент на националната економија кој издава долгорочни хартии од вредност − корпоративна обврзница.

Предмет на јавната понуда беше првата емисија на 8.000 долгорочни должнички хартии од вредност, односно корпоративни обврзници. Номиналната вредност на корпоративната обврзница е 10.000 денари по лот во вкупен номинален износ од 80 милиони денари. Еден лот е една обврзница. Продажбата се вршеше по пат на јавна понуда преку Македонска берза АД Скопје.

Заклучно со 26 февруари 2022 година, од понудените 8.000 корпоративни обврзници продадени се вкупно 7.583 хартии од вредност за износ од 75.830.000,00 денари. Тоа значи дека обврзницата е успешна, односно реализацијата е 94,7875 %.

На седница одржана на 27.05.2022 година, Одборот на директори на Македонска берза донесе Одлука за котација на корпоративни обврзници издадени од СН Осигурителен брокер АД Битола на Официјалниот пазар на Македонска берза АД Скопје, на подсегментот Берзанска котација. Тоа значи дека имателите на обврзници, доколку имаат потреба од ликвидни средства, можат да ги продаваат обврзниците на секундарниот пазар.

Датумот на достасување на главницата на корпоративната обврзница е 28.02.2027 година по фиксна годишна камата од 6,00% за целиот период. Каматата се пресметува и се исплаќа во денари.

Дел од средствата кои СН Осигурителен Брокер ги обезбеди од издавањето корпоративна обврзница ги вложи во купување, модернизација и опремување на СН Мото центарот во Скопје, како и во информациски и комуникациски технологии, како што е предвидено во бизнис патоказот за периодот 2021 − 2025 година.

Со засилувањето на операциите во Скопје до денес речиси 80% од бизнис планот се веќе реализирани. Во тој конктекст, непосредно пред почетокот на новата 2023 година беше промовиран СН Мото центарот – најновата инвестиција на СН Брокер во Скопје, тешка 2,4 милиони евра.

Се работи за современа станица за технички преглед која  ги задоволува највисоките европски стандарди во функција на поголема безбедност во сообраќајот.

Инаку, СН Осигурителен Брокер АД Битола континуирано остварува позитивни резултати од деловното работење. 2022 година друштвото ја заврши со 60.497.915 денари добивка и со растечки број од над 80.000 осигуреници.

Коментари

коментар(и)