Советничката Величковска поднесе иницијатива за формирање на Локален младински совет (ВИДЕО)

Невена Величковска, советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера попладне на градскиот плоштад одржа прес-конференција на која информираше за иницијативата за формирање на Локален младински совет.

Во продолжение интегралната изјава на Величковска.

-Денес во Општина Куманово поднесов иницијатива за формирање на Локален младински совет, согласно Законот за младинско учество и младински политики, член 16 став 1 каде со статут се предвидува формирање на Локален младински совет. Оваа иницијатива ја доставив до градоначалникот Максим Димитриевски, Советот на Општина Куманово и Комисијата за статут и прописи.

Младите во Општина Куманово заслужуваат да се слушне нивниот глас во Локалниот младински совет. Младите заслужуваат да одлучуваат за младите. Без разлика на верската, етничката, родовата или било каква друга определност, младите заслужуваат подобри услови и свое место во Општина Куманово.

Стратегија за млади не може да се формира без учество на  младите. Младите се двигателот на промените во светот и во Република Македонија и заслужуваат своите ставови, предлози и барања да ги говорат гласно.

Се надевам на целосна поддршка, особено поддршка и од моите колеги советници во Општина Куманово за иницијативата за формирање на Локален младински совет.

Ги повикувам и сите други организации во заедничка поддршка за оваа иницијатива, рече Величковска.

Коментари

коментар(и)