Сообраќајна едукација на првачињата

137 –те првоодделенци од основното училиште „Крсте Мисирков“ ќе добијат корисни совети за безбедноста во сообраќајот од едукативните материјали кои што денеска ги дистрибуираше Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и Отсекот за превенција од СВР Куманово. Целта е, велат надлежните, сообраќајното образование да започне од најмала возраст.

-Едукативните материјали содржат песнарки, боенки, распореди на часови и дополнителни материјали заедно со заштитни маски за сите првоодделенци. Со тоа сакаме да покажеме дека се грижиме за едукацијата на најмалата возраст на основното образование со цел процесот на едукација и сообраќајно образование да почне од најмалите нозе, изјави Бојан Петковски, Општински совет за безбедност во сообраќајот

Сообраќајната едукација од најрана училишна возраст е клучен сегмент во сообраќајното воспитување на учениците како учесници – пешаци во сообраќајот, вели директорот на училиштето Александар Јовановиќ.

– Благодарност до ОСБС кој ни излезе в пресрет. Исто така и минатата година беа доделени прирачници за родителите, а оваа година и за учениците од прво одделение. Секако дека сообраќајната култура, гледаме во нашиот град е на ниско ниво, се учи од најмали нозе. Ова за учениците ќе значи една новина, да видат како на правилен начин да се пристапува во сообраќајот и да бидат едуцирани од нивна страна и од РСБСП кои често одржуваат контакт со нас, имаат и работилници на оваа тема така што се надевам дека и учениците ќе сфатат дека во сообраќајот треба да пристапат максимално внимателно, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“

Директорот Јовановиќ посочува дека учениците имаат основни познавања од областа на сообраќајот, но честопати се невнимателни заради што апелира возачите максимално внимателно да се движат покрај училиштето.

-Местоположбата на нашето училиште е таква да сме опкружени со три улици, безбедноста пред се треба да биде на високо ниво. Од страна на општината се преземаат максимални напори, ставени се и означувања, поставени се лежечки полицајци, меѓутоа културата ни е на многу ниско ниво. Учениците се свесни за тоа, работиме со нив, наставниците исто така работат, благодарност за вклученоста на општината и СВР Куманово, меѓутоа од мали нозе сепак ќе кажам дека треба да се учиме, да видиме како правилно треба. Би апелирал до родителите и сите оние кои го сочинуваат сообраќајот да бидат внимателни пред се, пред училиштата затоа што тука се дечињата, знаат да истрчаат, знаат да бидат невнимателни, меѓутоа тој што ракува со моторно возило треба да биде внимателен и да вози бавно, изјави Јовановиќ.

Од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот велат дека согласно Планот за работа на Републичкиот совет се планира едукативни материјали да бидат доставени во сите основни и средни училишта на подрачјето на Општина Куманово во текот на учебната година.

Коментари

коментар(и)