Со заштитни столпчиња до безбедни пешаци

Општина Куманово преку поставување заштитни столпчиња на булеварите и улиците во градот се обидува целосно да ги ослободи тротоарите за пешаците и велосипедистите. Со оглед на фактот што голем број несовесни граѓани своите возила секојдневно ги паркираат на тротоарите, изминатиот период општината реализираше повеќе проекти преку јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Пред десетина дена заштитни столпчиња беа поставени и на тротоарот на улицата „Пиринска“, покрај тениските терени кај Спортската сала и паркот пред комплексот „Отворен и затворен базен”, а се подготвуваат проекти и за други улици, информираат надлежните.

-Во фаза сме на изработка на проект за булеварот „Трета МУБ“ кој што делумно е уреден со столпчиња, но сакаме целиот да го затвориме исто како што го затворивме претходно и булеварот „Октомвриска револуција“ и да дадеме непречен приод само на оние објекти кои што се согласно деталните урбанистички планови и имаат решено приод токму преку булеварот. Нема да има исклучоци и следната фаза ќе биде изработка на проект на улицата „11 Ноември“ и се надевам дека во тој тренд ќе продолжиме и на други локации во градот. Сведоци сме и самите дека на многу локации изградивме нови тротоари како што е случајот со улицата „Тоде Думба“, „Драган Стопаревиќ“ и многу други улици кои што истите повторно се користат за паркирање на возилата и во оваа прилика апелирам да ги паркираме своите возила или во гаражите или на јавните паркинзи таму каде што има место бидејќи тротоарите се сепак за граѓаните, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Паралелно со ова, се работи и на хортикултурно уредување на зелените површини и чистење на градот преку јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, дезинфекција и ноќно миење на улиците, обележување на  пешачките премини и сообраќајниците на повеќе локации во градот. Што се однесува до останатите проекти согласно годишната програма, велат надлежните, веднаш по укинувањето на вонредната состојба општината ќе може да распише јавни повици за тендерски постапки за избор на изведувачи и да се продолжи со реализацијата на подземната и надземната инфраструктура во градот.

Коментари

коментар(и)