Со настани и нови книги, библиотеката ќе привлекува читатели

Со бројни настани и збогатен книжен фонд, кумановската библиотека има за цел да го зголеми бројот на читатели. Новата директорката на ова јавна установа, Христина Алексовска нагласи дека бројните манифестации предвидени во програмата за 2020 година се за да се развие љубовта на децата кон книгата, а  по тој повод имаат и бесплатни уписи на ученици од второ одделение.

– Библиотеката Тане Георгиевски пред се е институција која покрај основната задача збогатување на книжниот фонд и давање услуги на читателите има одредена визија и мисија, тоа е да ја промовира книгата како вистинска вредност кај младите. За да се зголеми интересот кон книгата и да се популаризира книгата нашата библиотека во програмата има предвидено голем број на средби со писатели, промоции на книги, литературни читања, наградни конкурси, посета на најмладите на библиотеката-посочи новата директорка.

Таа информираше дека во 2019-та значајно бил збогатен и книжниот фонд, а набавка на книги е предвидена и оваа година.

-Во текот на 2019 година библиотеката е збогатена со голем број на нови наслови така што имаме 835 наслови белетристика односно околу 2853 книги белетристика напишани на македонски, албански, англиски, српски јазик, понатаму имаме околу 149 нови наслови од лектири, односно 1955 лектири на македонски и албански јазик и се надеваме дека на овој начин читателите ќе бидат задоволни со она што го нуди нашата библиотека-дополни Алексовска.

Кумановската библиотека во моментов работи на подготовка на збирка, насловена „Куманово низ мозаикот на зборови“, која претставува збир од повеќе песни напишани на кумановски дијалект.

Коментари

коментар(и)