Спасовски:Реконструирана ПС Кратово

Со пари обезбедени од буџетот на министерството за внатрешни работи, по речиси четири децении, реконструирана е полициската станица Кратово со цел да се обезбедат подобри услови за работа на полициските службеници, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по посетата на ПС Кратово.

Спасовски посочи дека градежните и другите работи за реновирање и санирање на објектот на ПС Кратово се целосно завршени, односно реализирана е уште една инвестиција вредна  3.800.000 денари.

-Ова е една инвестиција која што ја ставив во приоритетите на МВР и сметам дека на тој начин им помагаме  и на граѓаните и на општината, а не само на полициските службеници. Посебно е важно да истакнам дека токму од први септември или од месец септември сите вработени во МВР, сите полициски службеници ќе имаат зголемување на својата плата за пет проценти и на тој начин ќе влијаеме и на подобрување на животниот стандард на полициските службеници и на мотивираноста за нивната активност, изјави министерот Спасовски.

Безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кратово е стабилна, рече Спасовски.

-И во текот на првата половина од годинава, споредбено со истиот период лани, бележиме намалување на сторени кривични дела, поточно намалување од 33,4 проценти, а имаме и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир. Од друга страна зголемена е ефикасноста на расчистени кривични дела во споредба со истиот период лани. Генерално може да констатираме дека на подрачјето на оваа полициска станица имаме стабилна состојба и искрено очекувам колегите да продолжат со овој тренд на работа, рече Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев, на која разговараа за соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа која е на високо ниво, а потоа заедно присуствуваа на седницата на локалниот совет за превенција.

-Разговаравме за безбедносната состојба, како да ја подобриме безбедноста на планот на криминалитетот. Разговаравме и за теми од проблемите со реализација на проекти од инфраструктурата, развојот на општината ,стопанските капацитет, функционирањето на локалниот совет за превенција, изјави Љупчо Бојаџиев , градоначалник на Кратово

Постојаната и квалитетна соработка меѓу локалните власти и полицијата, е еден од оние основни предуслови, не само за партнерско делување во врска со низа заеднички интереси, туку и за постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржувањето на јавниот ред и мир, во заштитата на материјалните добра, смета Спасовски. Според него, од суштинска важност е функционирањето на Локалните совети за превенција, за навремена и квалитетна детекција на проблемите и приоритетите во рамки на локалната заедница  и носење соодветни решенија.

Коментари

коментар(и)