Спасовски во Виена на конференција во рамки на иницијативата „Платформа за заедничка координација“

Висока делегација од Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски, заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска учествуваше на Министерската конференција што во рамки на иницијативата „Платформа за заедничка координација“ се одржува во Виена, Република Австрија, во организација на австриското Министерство за внатрешни работи на тема „Регионален механизам за враќање, партнерства за враќање“, на која земаа учество министрите за внатрешни работи на земјите  на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

„Кога станува збор за нелегалната миграција, регионот, односно земјите долж рутата се среќаваат со истите предизвици кои беа присутни и во изминатиот период и кои веќе се идентификувани. За жал, не можеме да говориме за постигнување на значителен напредок поради немањето на договори за реадмисија или договори за полициска соработка, кои би ја регулирале областа на реадмисија со земјите на потекло, што во најголема мерка се должи на недоволно развиената соработка со земјите на потекло, особено во делот на утврдување на идентитетот на мигрантите, како и поради непостоењето или нерезидентноста на дипломатско-конзуларните претставништва во регионите од кои доаѓаат најголемиот дел од мигрантите “,  истакна министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на првиот панел за дискусија, посветен на регионалните и националните аспекти односно предизвиците и тековната состојба со илегалната миграција.

Министерот Спасовски посочи дека дополнителен предизвик е и потребата од јакнење на националните капацитети за асистирано и присилно враќање – област во која веќе се преземаат конкретни чекори, меѓутоа сѐ додека не се отстранат проблемите со непостоењето на договори за реадмисија и потесна полициска соработка, тие преземени активности нема да дојдат до полн израз дури и да се целосно развиени.

„Кога зборуваме за враќањето, верувам дека сите сме согласни дека е тоа конститутивен елемент на еден ефективен систем за менаџирање на миграцијата кој, пак, мора да биде функционален и да го опфаќа целиот опсег на менаџирање на миграцијата, а не само враќањето. Во оваа насока би додал и дека од суштинска важност е да се направи дистинкција помеѓу враќањата кон или помеѓу регионот на Западен Балкан и враќањата од регионот на Западен Балкан кон трети земји. Враќањето на државјани на трети земји од еден во друг партнер на Западен Балкан не придонесува за одржливо враќање“, рече министерот Спасовски.

Притоа, тој додаде дека напорите за подобрување, покрај јакнење на националните капацитети на земјите од регионот, треба да се фокусираат и на заеднички настап кон земјите на потекло и меѓусебна помош во сите фази на враќањето. А тоа, всушност, би значело заеднички пристап помеѓу сите засегнати држави, надлежните агенции на ЕУ и Европската Комисија, со поддршка на релевантни меѓунарoдни организации, што подразбира не само редовна размена на податоци и информации, туку и заедничка анализа на ризик, координирање на националните активности, и реализација на заеднички оперативни активности.

Министерот Спасовски во дискусијата во рамки на вториот панел од Министерската конференција, фокусирана на елементите на регионален механизам и партнерства за враќање, меѓу другото рече дека токму Заедничката платформа за координација има голем потенцијал да преземе водечка улога во координацијата на активностите за ефикасно справување со илегалната миграција, таа ги идентификува и ги сублимира во себе потребите во клучните области – гранично управување, азил, враќање и борба против трговијата со луѓе. Дополнително таа е практична, бидејќи со неа ќе се избегнат дуплирањето и преклопувањето и ќе се почитуваат надлежностите на агенциите на Европската Унија, на Комисијата, и секако, на партнерите од Западен Балкан.

„Платформата за заедничка координација, верувам, претставува координациска платформа која се потпира во своето работење на своите партнери, односно на нивните изразени потреби. Во оваа насока, од неопходна важност е да се избегнува преклопување на напорите и на Платформата, но и на други меѓународни актери кои се веќе активни во областите на менаџирање на миграцијата. Затоа, нашата цел мора да биде комплементарност на напорите, нивна следливост и спроведливост. Столбовите на кои почива оваа платформа ни даваат за право да веруваме дека Платформата има капацитети да ја исполни својата цел – да има координативна улога во справувањето со нерегуларната миграција, истовремено покажувајќи солидарност со земјите членки на Европската Унија и обезбедувајќи силна поддршка и тесна соработка со регионот на Западен Балкан“, порача на крајот од своето обраќање  Спасовски.

За време на работната посета на Виена, на маргините на Министерската конференција, министерот Спасовски оствари билатерална средба со министерот за миграции и азил на Елинската Република, Нотис Митараки, на којашто акцентот беше ставен на продлабочување на соработката на билатерално ниво во борбата против криминалот, а се сретна и со  канцеларот на Република Австрија, Карл Нехамер, поранешен австриски сојузен министер за внатрешни работи, како и со државниот секретар за миграции на Швајцарската Конфедерација, Кристин Шанер Бургенер.

Имајќи го предвид фактот дека Република Северна Македонија ја презема улогата на претседавач со ОБСЕ за 2023 година, министерот Спасовски во Виена оствари работна средба и со шефот на постојаната мисија на РСМ при ОБСЕ во Виена, амбасадорот Игор Џундев, на која беше најавено дека во рамки на претседавањето со ОБСЕ ќе биде организирана конференција за министри за внатрешни работи на земјите членки на ОБСЕ и/или шефови на полиции, на тема согласно приоритетите кои ќе бидат усвоени на национално ниво за претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата.

Коментари

коментар(и)