Спасовски во посета на 72-от реновиран објект – Одделот за заштита на определени личности и објекти

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, изврши увид на завршените градежни работи на Одделот за заштита на определени личности и објекти, познат како  Шеста управа, при што оствари и работен состанок со раководството на овој Оддел во рамки на Бирото за јавна безбедност во МВР.

Притоа, министерот Спасовски констатираше дека градежните зафати на 72-иот реновиран објект на МВР се квалитетно и навремено завршени, што претставува инвестиција вредна 9,6 милиони денари од  Буџетот на МВР. Како што објасни Спасовски, објектот на Шеста управа првично бил изграден од сутерен и два ката, надграден со уште дополнителни два, а дел од него пред реконструкцијата бил во незавидна состојба.

„Со оглед на состојбата на просториите извршени се повеќе градежно-занаетчиски работи на објектот, вклучувајќи ги новите подови во канцелариските простории и ходниците од заедничките простории, замена на вратите во постариот дел од објектот, како и на инсталациите во него, а на целиот објект е направена нова термоизолациона фасада. Санирана е кровната конструкција, поставени се нови олуци, а на стариот дел од објектот старите прозорци се заменети со нови термоизолациони прозорци и извршени се  молерофарбарски работи на просториите во објектот”, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски  истакна  дека  покрај  инфраструктурното, ова раководство на МВР континуирано работи и на материјално-техничкото подобрување на овој Оддел, така што во 2018 година вработените во него добија и нови комплет службени униформи, а на крајот од минатата година целосно нови униформи добија повеќе организациони единици во полицијата, меѓу кои токму и припадниците на Одделот за заштита на определени личности и објекти, кои добија дводелна цивилна облека и обувки. За потребите на  Одделението  за  претходница  и сообраќајно- ескортно обезбедување  при  Одделот за заштита на определени личности  и објекти, согласно планот за јавни набавки за 2020, беа набавени 30 комплети нова мотоциклистичка опрема со вкупна вредност на набавката, која беше спроведена после повеќе од десет години, од околу 4 милиони  денари.

Спасовски уште еднаш нагласи дека и годинава, како и сите изминати години почнувајќи од 2017 година, МВР продолжува со планските градежно-реконструктивни активности и на други објекти и тоа: во Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ, како и  изградбата на нова полициска  станица  Аеродром при СВР Скопје.

„Целта на нашето работење на која остануваме силно посветени е унапредувањето на стандардите за професионално работење на сите вработени во Министерството, не само во поглед на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа, туку и во поглед на стручното, организационото и системско унапредување на работата на Министерството”, порача Спасовски.

Коментари

коментар(и)