Спортските клубови незадоволни од ваучерите на Агенцијата

Дел од спортските клубови од Куманово се незадоволни од ваучерите, средствата кои што им ги одреди Агенцијата за млади и спорт. Станува збор за финансии од приватните компании, кои наместо данокот да го плаќаат на државата, ќе бидат ослободени, под услов парите да ги вложат во спортските клубови.

По распределбата на Агенцијата од Куманово најмногу средства, речиси 12 милиони денари доби кошаркарскиот клуб Куманово. Веднаш зад КК Куманово, е женскиот ракометен клуб кој доби 2 и пол милиони денари, а трет клуб од градот со најмногу средства е МРК Куманово, со еден милион и 400 илјади денари. Од клупските РК Куманово доби 750.000 денари, ЖФК Речица 150.000 денари, додека по 200.000 денари добија,  КМФ Биџо,  ФК Куманово Еуроспорт  и ФК Куманово. Кај индивидуалните спортови, најмногу средства 500.000 денари, доби Атлетски клуб Куманово, кој е и државен првак. Боксерски клуб Куманово 84 ќе има на располагање 50.000 денари а Цикло спорт 40.000 денари. Средства добија и КБК Куманово 2006, Мак Дам, Пчиња , ШК Куманово. Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди на Куманово ќе располага со 300.000 денари.

И покрај одличната сезона, освојување на Купот на Македонија и вицепрвак, ЖРК Куманово годинава ќе располага со пет проценти помалку средства за разлика од претходната година. Претседателот на клубот Бобан Пеовски, посочи дека не очекувале толку малку средства и не им е јасно по кои критериуми ваучерот им е намален, со оглед на постигнатите високи резултати. Тој нагласи дека кај екипите кои минатата сезона не забележале значајни резулатати има зголемување од 30 па дури и 70-80 проценти.

– За пример во формуларите во кои се наведуваат резултатите и кои носат бодови, има правила задолжително е учество на младински екипи, ние единствени со Вардар и Металург, имаме екипи во сите младински категории, пионерки, кадетки, младинки кои се натпреваруваат во системот под РФМ, додека екипата на Пелистер минатата сезона немаше ниту една пријавена екипа, а доби покачување од 80 проценти. Или за нашиот клуб е направена грешка, женскиот клуб Металург кој е освојувач на првенството во Македонија и првак доби минорно покачување од некои 10 проценти, додека ние добивме помалку средства, а пониско рангираните клубови добија 80 проценти повеќе Пелистер, Стружанка доби 70 зголемување, Деспина 30 проценти зголемување, а овие екипи што постигнаа најголеми екипи имаат најмалку средства-нагласи Пеовски.

Тој дополни дека овие средства не се доволни бидејќи од оваа сезона клубот се натпреварува и во регионалната лига, во Европа учествува веќе 5 години, а доколку заврши на првото место, ќе се најде и во Лигата на шампиони, каде трошоците се навистина големи. Пеовски имаше забелешка и на нееднаквоста во средства превидени за машкиот и женскиот спорт, иако трошоците кои што ги имаат се исти. Посочи дека на овој начин  се оневозможува развојот на женскиот спорт.

Незадоволство од добиените средства изрази и спортскиот директор на велосипедски клуб ВЕЛО М Термалиф, кој е и селектор на македонската велосипедска репрезентација и член на Управен одбор на општинскиот сојуз на спортови Куманово, Марјан Петровски. Тој нагласи дека и покрај одличните резултати на европско, светско и олимписко првенство, комисијата при Агенцијата одлучила да го оштети овој клуб. За разлика од претходните години кога клубот имал 800.000 денари оваа сезона ќе може да располага со ваучер од 450.000 денари. Дополни дека во наредниот период ќе испратат протесна нота.

-Велосипедскиот клуб во однос на средствата што ги има добиено има учествувано на европски првенства, светски и на олимпски светски игри со свој спортист, на олимписките вторите, кои се одржаа во Белорусија, нашиот спортист предводена од македонскиот олимписки комитет беше најдобро пласиран од сите спортисти. Андреј Петровски, спортист на Куманово за 2019. Тој минатата година има ваучер од 120.000 денари, олимпиец, учесник на светско, европско, национален шамипион, учесник на многу трки во Европа сега има само 28.000 денари. можеби над 1000 спортисти разликата од Андреј до некој друг е огромна со 400-500.000 денари-нагласи Петровски.

Тој праша зошто Агенцијата ги обврзува да потполнуваат формулари, во кои се напишани успешните резултати на клубовите, кога комисијата си зема за право средствата да ги доделува паушално, како што сака, надвор од законот.

Претседателот на општинскиот сојуз на спортови, Филип Колевски  посочи дека оваа мерка на Агенцијата е голем плус за поддршка на спортот. Тој се надева дека мерката ќе продолжи и во иднина. Нагласи дека одредени клубови имале свои забелешки.

-Голем плус е, голема мерка за поддршка на спортот, она што се чекавме со декади, огромен финансиски стимул, се надеваме и верувам дека ќе продолжи зашто многу значи, на ваков начин можеби 90 проценти од парите што ги добиваат одредени клубови можеби ќе се вака финансирани. Голема финансиска инјекција имаше несогласувања одредени во поглед на тоа како федерациите ги рангираат клубовите, и тоа речиси во секоја федерација. Така што повеќе клубови во Куманово изразија негодување, нема здружена реакција од една федерација или општина и можеби оваа година сега нешто е направено, останува на тоа поле да се докорегира, федерацијата ги прави критериумите но конечната одлука е на Агенцијата за млади и спорт, како ги рангира и доделува финансиските средства во одреден спорт.  Тоа е интерно прашање и би можело да има дополнителни реакции за да целиот систем уште подобро профункционира за задоволство на сите-нагласи тој.

Колевски дополни дека останува поддршката од општината, но многу би значело за спортот, кога овој ваучер би бил континуиран, па Сојузот на спортови би можел да се насочи кон оние клубови што не се толку успешни, како и да даде поддршка на развој на училишниот спорт.

Коментари

коментар(и)