Средношколците со награда на Струмичкиот карневал

Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска организираше прием за учениците, кои со маската Венецијанска кралица и нејзините дворјани, освоија трета награда на карневалот во Струмица. Во маската учествуваа околу 40 ученици од сите средни училишта во градот.

-Маската ја изработуваме околу еден месец но постоеше една добра соработка, се заблагодарувам на сите ученици, професори што учествуваа во изработката и навистина се надевам дека успеавме со тоа што добивме и трета награда. Се натпреварувавме во категорија од 30 до 50 учесници, конкуренцијата беше голема но сепак ние се доближивме според нивните критериуми и го освоивме третото место. Голема благодарност до општина Куманово кои ни дадоа голема поддршка за да ја изработиме оваа маска-истакна Марија Тодоровска, професор по музичка уметност во гимназијата Гоце Делчев.

Професорката се надева дека наредната година ќе постигнат уште поголем успех. Учесниците истакнаа дека и покрај тремата бидејќи настапуваат на најголемиот фестивал во државата, имале одличен настап.

-Многу сум радосна и задоволна што освоивме трето место бидејќи конечно нашиот труд се исплатеше- посочи Мирјана Милановска ученик  во Гоце Делчев.

-Учам четири години во гимназија но оваа година се одлучив да одам и да видам ново искуство, интересно беше имавме многу трема, но се помина добро, во Куманово не бевме толку добри на пробите како што изигравме на настапот на плоштадот во Струмица, не очекувавме трето место но се случи и тоа-истакна Никола Петровски, ученик во гимназијата Гоце Делчев.

Првиот човек на Куманово, Зоран Дамјановски посочи дека и во иднина преку секторот за култура ќе продолжат да даваат поддршка на ваквите настаните.

-Од мое име благодарност до учесниците на маскенбалот, подржувачите а пред се професорките и директорите кои овозможија вонучилшна активност на некој начин да го претставуваат Куманово. Мене ми е гордост што вие како ентузијасти успеавте да се натпреварувате во групните маски и да освоите трето место-нагласи тој.

Тој нагласи дека во Куманово ќе продолжи да се одржува маскенбалот, на кој очекуваат гости и од Струмица.

 

 

Коментари

коментар(и)