Стипендии за децата со попреченост во почетните одделенија

Двесте осумдесет и седум стипендии се доделени на деца со попреченост кои што се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение во рамките на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ од Тетово, поддржани од министерството за образование и наука. Претседателката на „Инклузива“ Благица Димитровска информира дека е отпочната првата исплата на предвидените средства за три месеци.

– Кога ги информиравме родителите дека се добитници на стипендии почувствувавме голема радост,  во овие тешки времиња на ковид сите сме изложени на поголеми трошоци, а овие семејства уште повеќе, затоа што дечињата со попреченост користат повеќе витамини и овие пари им се поддршка, мала, но сепак многу значајна во овие времиња. Но, поддршката се однесува токму и на институциите односно МОН бидејќи е донесен нов Закон за инклузивно образование каде што се предвидени токму вакви мерки за поддршка и на семејствата и на учениците за да се вклучат еднакво во редовното образование како сите останати дечиња, изјави Благица Димитровска, претседател на Здружение „Инклузива“

Проектот овозможува и туторска поддршка на овие деца, со што 30  тутори кои поминиле  низ процес на обука ќе им даваат дополнителна поддршка на децата со попреченост во совладување на наставната содржина, а ќе бидат регионално распределени, посочува Димитровска.

-Се надеваме дека идната година дечињата што се во посебни паралелки и во специјални училишта ќе преминат во редовните училишта, а овие форми на образование ќе бидат ресурните центри како што е зацртано во новиот закон и понатаму ќе гледаме на поголемо вклучување, прифаќање на оваа категорија, подигање на јавната свест и веќе да нема стигма и предрасуди туку овие деца да се почувствуваат корисни, да се образуваат заедно со другите деца за да израснат во луѓе кои самостојно ќе живеат и ќе заработуваат за себе, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива“

Освен програмата за стипендирање на ученици со попреченост во почетните одделенија, и обезбедување туторска поддршка, како дел од проектот ќе се спроведат и кампањи за подигање на свеста и промовирање на важноста на инклузивното образование, подобрување на капацитетите на вработените во основните училишта за градење инклузивни образовни средини и подобрување на поддршката и пристапноста до и во училиштата за учениците со попреченост.

Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, финансиран е од Европската Унија, а ќе трае три години, односно до 31 август 2023-та година.

Коментари

коментар(и)