Стојчевски: Успешно го решаваме проблемот со отпадот

Општина Куманово и јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ изминативе три години презедоа низа активности за решавање на проблемот со отпадот. Заменети се старите корпи за отпадоци, а во парковите се поставени дополнителни нови, информираше на денешната прес конференција Даниел Стојчевски од СДСМ. Тој нагласи дека наскоро ќе се реши и проблемот со контејнерите кои се наоѓаат на јавна прометна површини, им пречат при движење на граѓаните, а и имаат мал капацитет, па службите се принудени да организираат 24 часовно работно време и постојано да ги празнат, со што се отежнува и сообраќајот.

-Локалната самоуправа во наредниот период ќе пристапи кон едно модерно и современо решение кое се практикува во современите европски градови, а тоа е поставување на полуподземни контејнери. Самите полуподземни контејнери имаат 5 пати поголем капацитет од еден обичен контејнер, а воедно граѓаните ќе имаат можност во истите да вршат селекција на отпадот. Оваа постапка е во тек и во најбрзо време ќе се избере најповолен понудувач и самите контејнери ќе бидат поставени најпрвин во централното градско подрачје, а согласно финансиските можности и проценка на службите, овој проект ќе се проширува и во останатите делови од градот-истакна Стојчевски.

Според Стојчевски со ваквиот начин на селектирање на градскиот отпад ќе има почист град и средена животна околина, а воедно и поуспешно менаџирање на градската депонија.

-Во минатото пракса беше истата да биде постојано палена и да гори, а изминатите 3 години нема ниту едно палење, за што особено се задоволни жителите од село Пчиња-нагласи тој.

Стојчевски апелираше до граѓаните, особено поради отпочнување на грејната сезона да бидат совесни и внимателни кон својата средина, бидејќи како што рече само со високо развиена свест, заеднички може да се придонесе за зачувување на чист воздух и зелена животна средина.

Коментари

коментар(и)