Сугарески: Куманово добива инвестиции од 80 милиони евра

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески заедно со директорот на ЈПза државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот Максим Димитриевски, направи увид на инфраструктурните проекти што се реализираат во ресорот –транспорт во поширокиот кумановски регион. „Само во Куманово и кумановскиот регион инвестираме преку 80 милиони евра во реализација на крупни капитални проекти во патишта, железници и во изградба и реконструкција на канализации и водоводи кои треба да донесат економски развој во регионот, нови вработувања и подобар живот за граѓаните“, рече министерот Сугарески, при денешната работна посета во Куманово. 

-Инвестираме преку 26 милиони евра во реконструкција на патната мрежа. Завршивме неколку патни правци многу значајни за овој регион,  исто така многу значаен правец кој ќе го почнеме идната година е патот до Страцин, инвестиција од 15 милиони евра. Понатаму инвестираме во изградба на железницата кон Бељаковце, инвестиција од 47 милиони евра. Сакам да информирам дека до крај на годината очекуваме ЕУ да ни одобрат неповратни средства за изградбата на заедничката железничка станица со Србија, која ќе се гради кај Табановце. Проектите се комплетно завршени, очекуваме средствата да ни ги одобрат и да распишеме тендер за изградба на станицата. И според мене најважната работа во која инвестираме е изградбата на водоводи и канализации, проекти со кој директно го подобруваме животот на граѓаните. Имаме неколку активни проекти во кумановскиот регион а веќе подготвуваме и нови проекти за следната година”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Патниот правец Куманово – Свети Николе е рехабилитиран во цела должина од 42 километри што претставува важна патна врска на граѓаните од Истокот со Република Србија“ , изјави директорот Китанов.

-Ги завршивме патните правци од Куманово до Опае, до Никуштак и до Пелинце, проекти што стоеле недопрени со години. Исто така патот кон Крива Паланка половина е рехабилитиран и очекувам до напролет и тој да биде завршен. Тоа што е важно за неколку дена завршува изборот на компанија што ќе ги рехабилитира патот до Страцин, со што во 2020 година целосно ќе биде рехабилитиран патниот правец Куманово – Страцин. За десетина дена ќе отпочнеме и со изградба на трета лента на патниот правец од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир така да веќе следната година од Куманово до Деве Баир ќе имаме комплетно рехабилитирана патна врска”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

„Општина Куманово најде партнер во реализација на големи инфраструктурни проекти“, потенцираше градоначалникот Димитриевски.

„ Со самата реконструкција на овие регионални патишта добиваме добра конекција меѓу општините и поврзувањето на регионите заедно. Североисточниот регион е најслабо развиен плански регион и денеска на владината седница ќе ги разгледаме перспективите за овој регион. Верувам дека овој позитивен тренд на инвестиции во инфраструктурата ќе продолжи и во наредниот период”, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово. 

Посетата на инфраструктурните проекти во кумановскиот регион е во пресрет на владината седница која што се одржува вечерва во Куманово.

Коментари

коментар(и)