ТВ Плус со иницијатива до премиерот Зоран Заев

Директорот на телевизија Плус од Куманово, Драган Ивановски му врачи на премиерот Зоран Заев иницијатива за член 102 од новиот закон за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги при неговата посета на медиумот заради гостување во емисијата СТАВ, по претходно одржаната граѓанска трибина  „На прав пат“  и посетата на новата индустриска зона во кумановско. Менаџерот на локалната телевизија која е член на здружението Медиум објектив, Ивановски го информираше премиерот Заев за лошата состојба во која што се наоѓаат регионалните и локалните приватни медиуми посочувајќи  дека ако остане овој член од законот таков каков што е, медиумите нема да можат да извршат  наплата за нивните  услуги по ниту еден основ од државните институции, единиците на локалната самоуправа, јавните претрпријатија и слично.

„Верувам дека овој факт може да доведе дури и до нарушување на демократијата, бидејќи токму тука на седниците на Советите на Општините, опозицијата (без разлика која и да е) има и најголема шанса да се обрати на граѓаните со пофалба или критика кон актуелната власт и да го каже своето мислење во врска со сите“ , посочи директорот Ивановски при средбата со претседателот на Владата , Заев.

Иницијативата е со цел да се укине членот 102 .

Во врска со овој проблем на медиумите, премиерот Зоран Заев во емисијата СТАВ најави бришење на членот 102, со измена на законот за ААВМУ.

-Граѓаните од населените места во Куманово, од одредени населби во Куманово немаат начин како да се информираат за одредени проекти. Самиот член забранува, пример вашиот медиум да се обрати до Општина Куманово или телевизија Вис да се обрати до Општина Струмица, Советот и опозицијата нема да ги пренесе Сител, Канал 5 , 24 , Алфа туку ќе ги пренесе само локалниот медиум, така што ќе имаат можност да има седници на Совет во живо. Да ги пренесувате макар и постфестум, да се слушне . Вие ги пренесувате ама не можете да наплатите ништо заради тој член 102. Треба да си плати општината затоа што тоа и е дел од одговорноста за транспарентност кон граѓаните. Второ, ако се гради спортска сала во некое село, граѓаните не знаат дека се гради, а треба да бидат информирани. Се прави улица во центарот на градот или на периферијата,  другите граѓани што живеат на други локации треба да го знаат тоа, а националните медиуми или кабелските телевизии нема да го пренесат. Оттука доаѓа директната потреба тој член 102 да се избрише затоа што локалните и регионалните медиуми немате друг начин на свое  опстојување. Тие имаат свои рекламички, помали компании тука што работат и слично , но ако сакаме да имаме транспаретнтност, сериозен фокус, дискусии, дебати во општеството, државата мора да ги најде начините да ги отстрани пречките за одржливост на самите медиуми така што веќе разговаравме во Владата, министерот Роберт Поповски кој што е за транспарентност,  комуникации и соработка со медиумите го има тоа оформено. Сакаме измена на законот да направиме, да членот 102 се избрише и не застануваме тука, рече Зоран Заев , претседател на Влада на РСМ

Заев најави дека со новиот ребаланс на буџетот  обезбедени се  дополнителни 50 милиони денари за филмскиот фонд , со што медиумите ќе се растоварат од обврската да плаќаат такса за филмскиот фонд. Премиерот информираше дека веќе се работи и на создавање на нов фонд за обезбедување дополнителна одржливост на медиумите, но само, како што рече,  во согласност со  здруженијата на новинарите и на медиумите.

Коментари

коментар(и)