Теодора Димитровска нова претседателка на ЛиДем Куманово

Дваесетгодишната Теодора Димитровска е назначена за нова претседателка на Либерално демократската младина (ЛиДем) во Куманово. Таа беше избрана синоќа на десетото изборно собрание. Димитровска им се заблагодари на присутните што верувале во неа, при што нагласи дека промените започнуваат од младите и затоа тие треба да бидат вклучени во политичките процеси. Дополни дека треба да се слушне гласот на младите, бидејќи тие се најзначајни чинители во општеството.

-Како нов претседател би сакала на младите да им кажам дека немам никакво ветување. Заедно ќе работиме, придонесуваме за граѓаните, ќе пробаме да вршиме притисок на сите оние кои не сакаат да не слушнат и дека нашиот политички процес треба да биде многу поотворен и ние треба да бидеме тие кои ќе ја креираме политиката во државата. Би сакала да ги поттикнам младите во Куманово, да ни се приклучат, иако се исплашени од политиката во денешно време и политичките партии воопшто не се актуелни денеска во нашата држава, сепак мислам дека младите треба да ја сфатат својата важност во политиката и да сфатат дека и тие се важни и се прашуваат. Во мојот мандат она што би сакала да го постигнам е најпрвин младите да ги вклучам, мотивирам за да се вклучат повеќе и во Куманово повеќе луѓе да се заинтересираат за тоа што се случува и кој ги донесува одлуките за нив-нагласи таа.

Димитровска посочи дека во наредниот период ќе следуваат различни акции и трибини.

-Акции кои се спроведуваат во целата држава, па така и кај нас ќе започнеме со различни теми за високо образование, имаме и нов закон за млади, за субвенциониран студентски оброк, така што ќе работиме на тие актуелни теми, кои се значајни за младите за кои тие можат да придонесат во државата-нагласи таа.

Инаку Димитровска е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје, отсек правни студии.

Коментари

коментар(и)