Украдената иднина на Русија

Јошка Фишер (Joschka Fischer)

Joschka Fischer 400x500Со нападот врз Украина, рускиот претседател Владимир Путин ја оспорува не само независноста на оваа земја туку и европскиот систем во целина, кој пред сè се заснова на неповредливоста на границите и правото на народите. Во Европа се нема случено ваков настан уште од времето на Хитлер.

Рускиот претседател Владимир Путин го направи својот избор. Донесе војна во Украина. Ова е пресуден момент за Европа. За прв пат по балканските војни во деведесеттите години од минатиот век, кои беа сведени само на подрачјето на Југославија која беше во распаѓање, европскиот континентот повторно сега се соочува со бомбардирање на градови и со дивизии од тенкови во поход. Но, овој пат, земјата што ги започна воените дејствија е нуклеарна велесила.

Со издавањето наредба за напад, Путин покажува дрско непочитување на меѓународните договори и правото на народите. Во Европа се нема случено ваков настан уште од времето на Хитлер. Според последните изјави на Путин, Украина нема право да постои како суверена држава – иако е членка на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Советот на Европа; и иако самата Русија (кога Борис Елцин беше претседател) ја има признато независноста на земјата.

Путин сега тврди дека Украина е нераскинлив дел од Русија. Какво е мислењето на мнозинството Украинци, за него не е важно; она што е важно е големината и меѓународната положба на Русија. Но, да не се лажеме: Путин сака многу повеќе отколку само Украина. Неговата војна има врска со целиот европски систем, кој пред сè се заснова на неповредливоста на границите. Во обидот насилно да ја прекрои картата, тој се надева дека ќе го промени европскиот проект и повторно ќе ја издигне Русија како главна сила, барем во Источна Европа. Понижувањата од деведесеттите години од минатиот век се работи кои треба да се избришат а Русија повторно да стане глобална сила, на исто ниво со САД и Кина.

Според Путин, Украина нема традиција на државност и таа се претворила во алатка на американскиот и на НАТО експанзионизмот, со што претставува закана за безбедноста на Русија. Во бизарен говор еден ден пред неговите војници да направат упад преку границата, Путин дури отиде дотаму што тврдеше дека Украина се обидува да се стекне со нуклеарно оружје.

Всушност, кога Советскиот Сојуз се распадна на почетокот од деведесеттите години, Украина, во која се наоѓаше третиот по големина нуклеарен арсенал во светот во тоа време, ѝ го предаде своето нуклеарно оружје на Русија со активна дипломатска поддршка на „злобните“ САД.

Украина го направи тоа затоа што доби „гаранции“ за својот територијален интегритет, како што е наведено во Меморандумот од Будимпешта за безбедносни гаранции од 5 декември 1994 година. Тој документ беше потпишан од силите гаранти: САД, Обединетото Кралство и Русија, заедно со Украина, Белорусија и Казахстан (последниве две се откажаа од помалите нуклеарни арсенали што ги наследија од СССР).

Наспроти историските факти, изјавите на Путин се бесмислици. Негова главна цел, очигледно, е да му даде на својот народ оправдување за нападот врз Украина. Путин знае дека ако на обичните Руси им се даде избор помеѓу војна за доминација во Источна Европа и подобар, попросперитетен живот дома, тие би го претпочитале второто. Како што тоа често се случувало во руската историја, иднината на луѓето во некоја земја ја упропастуваат токму оние кои се таму на власт.

Подемот на Русија до позиција на глобална сила во деветнаесеттиот и дваесеттиот век доведе до бројни трагедии не само за соседите кои таа ги потчини и постепено ги апсорбираше, туку и за сопствениот народ. Сегашните лидери на Кина треба особено да ја имаат предвид ваквата историја, со оглед на фактот дека империјална Русија има заземено поголема територија од Кина отколку од кој било друг.

Она што се чини дека Путин не го сфаќа е дека долготрајната политика на Русија за доминација врз други народи во нејзината сфера на влијание ги тера другите земји да се фокусираат на тоа како во прва прилика да избегаат од геополитичкиот затвор на Кремљ, преку добивање заштита од НАТО.

Проширувањето на НАТО алијансата кон исток по 1989 година ја потврдува ваквата динамика. Украина сака да влезе во НАТО не затоа што НАТО има намера да ја нападне Русија, туку затоа што Русија сè повеќе ја демонстрираше својата намера да ја нападне Украина. И сега тоа се случи.

Добро е да се потсетиме дека во деведесеттите години, руската пропаганда го обвинуваше Западот дека има секакви зли планови. Ниту еден од овие заговори не се оствари во времето кога Русија назадуваше, бидејќи таква западна шема никогаш не ни постоела. Обвинувањата беа обични бесмислици чија цел беше обично застрашување.

Рускиот империјален проект отсекогаш се карактеризирал со мешавина од домашна сиромаштија, брутално угнетување, бурна параноја и аспирации за глобална моќ. Истиот притоа се покажа како исклучително отпорен на модернизацијата – не само под владеењето на руските цареви туку и потоа, под Ленин и Сталин, и сега под Путин.

Споредете ја само руската економија со кинеската. И двата се авторитарни системи, но сепак кинескиот приход по глава на жител многу се зголеми, додека рускиот животен стандард се намалува. Во историска смисла, Путин ја враќа Русија назад кон деветнаесеттиот век, во потрага по минати величини, додека Кина напредува во насока на тоа да стане светска суперсила на дваесет и првиот век. Додека Кина оствари невидено брза економска и технолошка модернизација, Путин ги троши приходите кои Русија ги добива од извозот на енергија во војската, измамувајќи го тука уште еднаш рускиот народ во однос на неговата иднина.

Украина се обиде да побегне од овој бескраен циклус на сиромаштија, угнетување и империјални амбиции со нејзината сè поизразена ориентација кон Европа. Добро функционална либерална демократија во европски стил во Украина би го загрозила авторитарното владеење на Путин. Рускиот народ би се запрашал себеси и своите водачи: „Зошто не и ние?“

Путин не би можел да им даде добар одговор, и тој тоа го знае. Затоа Русија денес е во Украина.

Коментари

коментар(и)