Утре започнува пописот на населението

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски истакна дека сè е подготвено за утрешниот старт на попишувањето и упати апел до граѓаните со доверба да ги примат попишувачите.

Оваа акција, како што рече, е од интерес за сите нас и е привилегија и чест да се учествува во Пописот со самото тоа што секој еден од нас ќе одговори на поставените прашања.

– Тоа значи грижа за подобар живот за себе, но и за идните генерации. Податоците од Пописот претставуваат основа за подобро утре за нас и за нашите деца, рече тој.

Заменик-директорот на Државниот завод за статистика Илми Селами, пак, во своето обраќање се осврна на Протоколот за спроведување на Попис во време на Ковид и заштитните мерки кои се пропишани во истиот – попишувачите максимално ќе ги почитуваат и применуваат заштитните мерки пропишани, но, исто така, апелираше и граѓаните да ги почитуваат пропишаните мерки за сите да се чувствуваат безбедно.

Како што е познато, Пописот на население, домаќинства и станови, 2021 започнува на 5 септември, во 8 часот, а ќе заврши на 30 септември, во 20 часот.

Во тој период, во Државниот завод за статистика ќе функционира контакт центар каде граѓаните ќе можат да се информираат за сите прашања или нејаснотии кои би ги имале.

Коментари

коментар(и)