Учениците во очекување на затворениот базен

Децата кои со години тренираат пливање на Олимпискиот базен во Скопје ќе имаат прилика да ги намалат трошоците за превоз кога ќе профункционира затворениот базен во градот. Општината планира на една од наредните седници да ја усвои програмата за училишен спорт со која ќе бидат опфатени околу 4 до 5 илјади ученици кои што ќе практикуваат часови по пливање. Активноста ќе биде надвор од училишните часови.

– Нашата  верзија за програмата за училишен спорт е некаде околу шест часа да биде посветено на училишен спорт , три часа претпладне, три часа попладне, зависно од училиштата како одат во смени  и тоа ќе опфати околу 136 часа на месечно ниво, бесплатно со субвенција од програмата за училишен спорт на локалната самоуправа за ученици од прво одделение па нагоре . Тоа ќе биде воншколска активност, тоа не може да се случува во време на училишните часови бидејќи треба да има транспорт од училиштето до базенот и назад, при што ќе се губи време во наставата, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

За да стартува со работа затворениот базен советниците мора да донесат одлука за давање корисничко право  односно стопанисување со базенот на јавно претпријатие, во случајов станува збор за Чистота и зеленило.

– Пред десетина дена бев во Белград во спортскиот центар Ташмајдан каде видов начин на поставување на платформа за деца непливачи и висина околу метар. Ние направивме катастарски премер и е дадено во катастар за упис и го немаме уште добиено имотниот лист. Без имотен лист ние и не можеме да добиеме право на стопанисување, тоа е една од причините, изјави Дамјановски.

По добивањето на имотниот лист, треба да се направи ребаланс на општинскиот буџет кој треба да го поддржи проектот Базен, а паралелно со тоа ќе се работи на усвојување на програмата за училишен спорт, како и отворање на училиште за пливање од пливачките клубови во градот, кое што ќе биде од комерцијален карактер, велат надлежните.

Коментари

коментар(и)