Учениците во Студена бара два дена не одат на училиште

Втор ден не одат на училиште основците во кумановското село Студена бара. Незадоволни од условите во кои што децата ја следат наставата, родителите и денеска не ги пуштија на училиште.  10 ученици од 1 до 5 одделение следат комбинирана настава во две училници. Подрачното училиште на централното  „Браќа Миладиновци“ е изградено во 60-тите години  и оттогаш, тврдат родителите ниту денар не е потрошен за негова реконструкција. Покривот прокиснува, преку старите врата и прозорци влегува студен воздух во просториите, хигиената е на минимално ниво, велат засегнатите.

-Ние не протестираме против никого, ни против професори, ни против директорката, ни против служителот, ние протестираме за услови, бидејќи не ви дозволуваат внатре да влезете да видите какви дупки има, колку е валкано, не е молерисано со години наназад, изјави Раде Ѓорѓиевски, родител

-Немаме цела година служител, само одвреме навреме доаѓа, тие деца во никакви услови учат, во валкано, ние сме за тоа да биде чисто школото, рече Маре Постоловска, родител

Надлежните тврдат  дека технички персонал секогаш имало и има во  Студена бара,  хигиената се одржувала на задоволително ниво, а со барањата на родителите директорката не е запознаена бидејќи никој од нив не и ги образложил.

-Она што можам да кажам минатата година во лето просториите беа молерисани и двете и беше темелно исчистени дезинфицирано и извршена дезинсекција од страна на самото училиште, за тоа има и сведоци, изјави Марина Манојловска, директор на ООУ„Браќа Миладиновци“ – Куманово

Дали ќе се реновира училиштето во Студена бара зависи од блок дотациите кои што се добиваат од министерството за образование. Доколку се обезбедат средства, просториите ќе бидат обновени, вели  директорката.

Во меѓувреме, ги повика родителите од утре да ги пуштат децата на настава бидејќи основното образование е задолжително.

И родителите потврдија дека ќе го прекинат протестот заради тоа што биле известени од надлежните дека ќе бидат санкционирани ако не им дозволат на децата  да се вратат во училишните клупи. Инаку , како што велат мештаните од  Студена бара младите не се исселуваат. Во септември уште две првачиња ќе тргнат на училиште , а за следната година дополнителни пет деца. Во селото кое што е на 15-ина километри од Куманово, живеат околу 300 жители. Најголем дел од нив се прехрануваат од земјоделство и сточарство.

 

Коментари

коментар(и)