Учениците од „Кочо Рацин“ ги донираа играчките

Учениците од основното училиште „Кочо Рацин“, денеска заедно со наставниците посетија десетина социјално ранливи семејства, на кои им ги подарија играчките коишто ги собраа на вчерашната хуманитарна акција, која се одржа под мотото „Даруваме радост“. Тие го посетија и домот на Сузана Величковска, која во моментов има згрижено четири деца.  

-Ова е една голема чест за мене, децата што се згрижени во моето семјество. Тие се многу среќни, радосни, бидејќи добија многу играчки, а тие и да се во мал број, се среќни што некој се сетил и на нив. Радоста е голема, пресреќни дека нивните другарчиња им донираа играчки, но сепак и тие дојдоа ги видоа, посетија, радоста е голема. Моите дечиња не знаат како да ги пречекаат, послужат, многу се среќни, задоволни, што има постари кои мислат за нив, но и дечиња-изјави Величковска.

Величковска која веќе 6 години е згрижувач, нагласи дека и во иднина, доколку и дозволи здравствената состојба, ќе продолжи да се занимава со оваа хумана работата, бидејќи се работи за деца на кои им е потребно голема љубов и внимание. Координаторката на одделението за заштита на деца при Центарот за социјални работи, Наџие Мустафа се заблагодари за вниманието кое им е посветено на децата без родителска грижа, но нагласи дека во општината се уште има потреба од згрижувачки семејства. Информираше дека од април ќе започнат обука за ваквите семејства, која ќе се одвива преку програмата ПРАИД. Таа ги повика сите заинтересирани кои сакаат да станат згрижувачи, да се пријават во Центарот за социјални работи. Инаку во моментов во општина Куманово има седум згрижувачки семејства.

-Ова е да се зајакне квалитетот на грижата на децата во згрижувачкото семејство и да се подобрат условите со стандардизирани избор и подготовка на згрижувачите. Програмата исто така обезбедува и стручно оспособување и професионален развој на згрижувачите, но и на сите вклучени во процесот на поддршка на згрижувачките семејства.  Обуката ќе се одвива во повеќе сесии, згрижувачите кои ќе ја поминат обуката ќе добијат сертификати и ќе можат професионално да работат со деца без родители и родителска грижа-нагласи таа.

Инаку ПРАИД програмата ја спроведува организацијата СОС Детско село, во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Од основното училиште Кочо Рацин, кое што ја организираше акцијата,  истакнаа дека им претставува задоволство што успеале да предизвикаат насмевка на лицата на овие деца. Нагласија дека и во иднина ќе продолжат да организираат вакви хуманитарни акции.

 

Коментари

коментар(и)