Ученици од Франција во посета на Куманово

Дваесетина ученици од францускиот град Дулен вчеравечер се дружеа и забавуваа со нивните врсници од билингвалните паралелки на француски јазик во кумановската гимназија „Гоце Делчев“.

На македонско-француската вечер секоја година се организира разна тема преку која гостите од Франција се запознаваат со македонската традиција, а вчеравечер имаа можност да дегустираат дел од македонските традиционални јадења и пијалоци кои ги подготвија нивните домаќини од Куманово.

Има разлика во менталитетот и начинот на конзумирање на храна, кај нас најсилен е појадокот, па уште посилен е ручекот и на крај збеснуваме со вечера, меѓутоа кај нив е поинаку. Тие за појадок јадат помалку и претежно слатка храна, на ручек тоа се лесни јадења и ручекот завршува со сирење и вино и за вечера пак некоја полеска храна, помалку јадат од нас меѓутоа почесто и нивната храна нема толку многу зачини како кај нас – изјави Маргарита Теодосиевска, наставник во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

Веќе една недела 23 срендошколци од Франција и тројца нивни наставници се во посета на Македонија, а имале можност да ги посетат и Скопје и Крушево, каде уживале во снежната идила.

Беа одушевени од снегот бидејќи тие доаѓаат од крај каде нема снег и ова им беше баш пријатно изненадување имавме работилници овде во училиште каде тие учеа кирилица и да зборуваат на македонски, а друга работилница беше подготовка на колачиња, значи со даден рецепт низ игра се натпреваруваа две групи мешани и изготвија колачиња, сега се колачињата тука и заедно ќе ги дегустираат. Имавме посета на Скопје, Куманово со сите споменици кои ги имаат двата града, работи што се интересни за младите, се дружеа овие седум дена и еве сега е крајната манифестација и покрај тоа одбележуваме македонска кујна имам две деца кои денес слават роденден па и тоа ќе се вклопи во нашата прослава – додаде Теодосиевска.

Гостите се воодушевени од она што имале можност да го видат во Македонија, но и од вкусната храна која ја пробале за време на размената.

Навистина сме воодушевени од се она што го видовме од прошетката која ни беше организирана, децата се изненадени затоа што првин имаме ралзичен менталитет, правеа разлики и споредуваа како се живее кај нас, а како се живее кај нив. Учениците се забавуваа и научија многу од меѓусебната размена. Одушевени сме од се она што ни беше понудено, баклава, ајвар, а многу ни се допаѓа и бурекот, колачите и палачинките со банана и крем. Целата храна е интересна и вкусна, пред се затоа што е поразлична од нашиот начин на исхрана – изјави Изабел Л’февра наставник во Вал Д’Оти во Дулен, Франција.

Во гимназијата веќе 16 години егзистираат билингвални паралелки и исто толку години училиштето организира размена со француски училишта. Тим од шест професори работи заедно со ученици од билингвалните групи кои во април месец ќе ја посетат Франција.

Коментари

коментар(и)