Физикална терапија отсега во нови и уредни простории

Одделот за физикална медицина и рехабилитација во Општата болница Куманово, од неодамна е преместен во новоопремени, уредни простории, кои се наоѓаат во поранешната хируршка и ортопедска амбуланта. Изминатите години овој оддел беше сместен во стара дотраена барака, со распаднати подови, ѕидови, оштетена инсталација, мали ординации. Менаџерскиот тим на болницата изрази задоволство што вработените конечно ќе работат во нормални услови. Како што информираше директорката Снежана Захариева, за оваа преадаптација се вложени минимални средства, бидејќи се користел тековниот ресурс, кој се набавува и за одржување на постојните објекти.

-Тие работеа во супстандардни услови, секој дожд се соочуваа со влажен под од кровот кој пропушташе вода, глодари кои што влегуваа од надвор, колку да звучи лошо, меѓутоа тоа беше нешто што не смеевме да си го дозволиме,  а со години работеа во такви услови. Радоста на вработените можат сами да ја кажат меѓутоа јас ќе кажам дека ваков колектив, заслужува со тек на време да добие и нешто многу поадекватно. Далеку од тоа дека не презедовме напори, цели две години се трудиме да добијат и нов објект, но тоа е една огромна капитална инвестиција, а Министерството за здравство потроши доста пари за довршување на новиот ургентен хируршки центар кој беше започнат уште во 2016 година, но еве се надмирија финансиските обврски и оваа година го пуштивме во употреба. Се надевам дека сме успеале колку толку да обезбедиме убави услови за нивно работење, секако на задоволство на пациентите-истакна директорката Захариева.

Надлежните од одделот за физикална медицина и рехабилитација, каде што дневно на терапија поминуваат до 250 пациенти, истакнаа дека просторот иако е помал во споредба со претходниот објект, значително се подобри условите за работа. Покрај лицата од околината на Куманово, Старо Нагоричане и Липково, на овој оддел има пациенти и од Крива Паланка, Кратово и Свети Николе.

-Ние работиме со структура од новороденчиња па до геријатриски случаи. Затоа ни требаат посебни услови, ние не сме како другите оддели, нашата специјално бара да задоволиме одредени стандарди, ни треба соодветна сала за вежби, користевме соба 2 на 3, а тука се изведуваат вежби, примаме фрактури, тешки заболувања. Оваа година досега изработени имаме 5.272 специјалистички прегледи од кои 4.544 се специјалистички, а 728 се контроли и мора  да кажам дека бројката ќе биде многу поголема да имам доволно време да ги внесам сите контроли во компјутер за да бидат регистирани. Електро терапии досега имаме завршено 120.808, масажи 4.217, активни вежби  10.831, пасивни вежби со помош на терапевт 513, магнет 334 и ласер терапии 3283 –посочи д-р Славчо Филиповски, специјалист по физикална медицина и рехабилитација.

Инаку овој оддел изминативе седум години функционира со само еден специјалист по физикална медицина и рехабилитација. Директорката Захариева истакна дека годинава конечно успеале да испратат уште еден специјализант, кој сепак не е доволен за најголемата општина во државата. На крајот на 2017-та година болницата успеа да набави и нова апаратура за ова одделение.

Коментари

коментар(и)