(ФОТО) Гимназијалците одржаа хуманитарен концерт

Во Занаетчискиот дом синоќа се одржа хуманитарен концерт кој го организираа средношколците од гимназијата Гоце Делчев, заедно со менторот Александар Митрички. Концертот имаше хуманитарен карактер, а собраните средства ќе завршат кај социјално загрозено семејство.

Љубителите на музиката синоќа имаа можност во Занаетчискиот дом да го проследат концертот на средношколците од гимназијата „Гоце Делчев“. Концертот кој имаше хуманитарен карактер се одржа под менторство на наставникот по музичко образование, Александар Митрички. Учениците изведоа популарни мелодии во различен аранжман. За овој концерт тие се подготвувале изминативе шест месеци, а првиот настап им беше на патрониот празник на училиштето.

-Сите знаеме дека една држава е вистински пат кога хуманитарните концерти ќе бидат сведени на минимум, односно кога ќе нема потреба од нив. Јас се надевам дека институциите на системот ќе придонесат што поретко да има вакви настани затоа што сите ќе живееме посреќно во едно убаво општество, а тоа останува на учесниците на овој концерт, да го направат. Тие се гимназијалци, идни академски граѓани, идни чинители на ова општество, кои ќе останат во оваа држава да творат, во науката и уметноста и имаат цел, заедно со сите нас да направиме подобро општество. Целта ни беше хумана, собравме определени средства, очекувавме над 300 луѓе, но невремето што не зафати дозволи да имаме 100-ина но публиката беше одлична, уживаше, децата дадоа се од себе, ние не сме музичко, ние сме гимназиско училиште-истакна менторот Митрички.

Собраните средства по одлука на настаничкиот совет ќе завршат кај социјално загрозено семејство. Од гимназијата Гоце Делчев се надеваат дека овој концерт ќе стане традиционален. Инаку настанот се одржа во соработка со Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово.

Коментари

коментар(и)