(ФОТО) Гимназијата активно вклучена во два Еразмус плус проекти

„Нови димензии во образованието“ и „30 е многу доцна“ се насловите на двата Еразмус плус проекти, во кои оваа учебна година е вклучена гимназијата „Гоце Делчев“, со повеќе европски училишта. Целта на проектите е осовременување на наставата, наставниот процес, воведување на нови методи и техники во образованието, но и развивање на вештините на учениците за креативно размислување, лидерство, тимска работа.

Во рамки на овие проекти наставниците и учениците од кумановската гимназија изминатиов период реализира неколку активности, а ги посетија и Романија, Португалија и Литванија. При посетите на овие држави тие се запознале со изведувањето на наставата, но и со примената на различни техники и методи.

-Во Португалија имавме можност да видиме навистина нови методи и техники во смисла на различни апликации, работа со роботи, дронови и многу иновативни методи на програмирање на деца уште од најмала возраст. На втората средба која исто така беше во Португалија во Лисабон, имавме можност да видиме еден нов начин и мултикултура на ученици кои заеднички функцинираат од премногу националности во еден клас, начинот на изведување, осовремена настава и наставен процес и на крајот во Литванија исто така имавме можност да видиме многу практични настави, опремени лаборатории, апликации, технологии кои и тоа како требаше да ги видат нашите ученици за да потоа колку е можно ги примениме во нашето образование. Апел до нашиот образовен систем за осовременување на наставниот процес, опремување на лаборатории и кабинети, кои за жал се на многу ниско ниво за разлика од другите држави каде имавме можност да ги видиме-вели координаторката на проектите и наставник по информатичка технологија при кумановската гимназија, Јасмина Денковска.

-Во рамки на проектот Нови димензии во образованието тројца наставници и четири ученици беа во посета на Литванија, каде што ученици имаа можност да се сретнат со свои врсници, да посетат разни часови, имаа интерактивна настава, часови по биологија, информатика, уметност, музика и учење на традиционални танци. Учениците беа многу задоволни секако и ние наставниците имавме можност да видиме како се подготвуваат часови и како работат наши колеги во Литванија но и другите држави вклучени во проектот-дополнува наставникот по математика, Филип Младеновски.

Ученици од гимназијата кои учествуваат во овие проекти, нагласија дека при посетите на државите освен што се запознале со културата и историјата, стекнале нови знаења, но и пријателства.

-Имавме секој ден различни активности. Најголем впечаток ми остави активноста за запознавањето па се до учење на народните танци, стрелаштвото и секој ден беше исполнет со различни нешта кои досега не сме ги пробале-вели една ученичка.

-Семејствата во кои бевме сместени не пречекаа многу убаво и се чувствувавме како дома. Контактите што ги направивме таму и пријателствата се уште се одржуваат и се надеваме дека наскоро ќе ги видиме нашите пријатели-додава друга средношколка.

-Училиштето домаќин не пречека многу добро, ни овозможи да видиме каква е наставата во Литванија. Имавме настава во различни кабинети, видовме како се применуваат различни современи технологии, како што е 3д технологијата преку која дознавме многу за нивната историја-истакна еден ученик.

Во рамки на двата проекти наставниците и ученици од гимназијата наредната година ги очекуваат средби во Полска, Романија, Турција, Грција и Италија, но и два пати ќе бидат домаќини на претставници од овие држави.

Коментари

коментар(и)