(ФОТО) Музички хепенинг за крајот на учебната година во „Наце Буѓони“

Во рамки на проектот „Од нас, за сите нас“, кој го реализира хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, пред бината во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ денеска се одржа музички хепенинг по повод крајот на оваа учебната година. Овој настан е завршен во рамки на повеќето активности кои ги реализираше здружението од овој проект. Координаторот на проектот, Денис Илијевски на учениците им  посака убав летен распуст и им се заблагодари за успешната соработка изминатиот период. Пред присутните ученици и наставници се обрати и заменик директорот Михајло Петковски.

-Се надевам дека по обемниот материјал од тешките обврски што ги имавте во текот на целата година, си поминавте и убави мигови во училиштето. Дојде летниот распуст, убаво да си поминете, да се одморите и од први септември ве очекуваме сите заедно да продолжиме напред-посочи заменик директорот во „Наце Буѓони“, Михајло Петковски.

Средношколците настапија со неколку музички и драмски точки. Истакнаа дека за нив оваа учебна година била успешна.

-Оваа година учествувам во драмска секција при училиштето. Ова е крај почнуваме со една нова ера средно училиште, но ја завршуваме првата година. Јас сум ученик на медицина, имам професори кои ми предаваат само во прва година, кои навистина ќе ми недостасуваат, за бргу време се зближивме со соучениците, прекрасно беше имавме супер настава, соработка со наставниците и мислам дека Наце Буѓони е вистинска можност за учениците кои сакаат да имаат стручно знаење. Сега ја завршуваме учебната година со прекрасен хепенинг, каде ќе има пеење, глума-изјави Михаил Димитриевски, ученик во „Наце Буѓони“.

-Јас ќе учествуваам во пеење, многу бргу ми помина времето овде, како дојдов во прва година не мислев дека толку бргу ќе ми помогне. Сега сум трета година. Премногу сум задоволна, професорите се супер, но сепак кога ќе завршам наскоро ќе ми недостигаат и наставниците и пријателите-истакна Драгана Спасовска.

Проектот „Од нас за сите нас“ на хуманитарното здружение Мајка, кој траеше шест месеци, е дел од програмата за демократски развој на Западен Балкан, Релоад, а се спроведува со поддршка на Општина Куманово.

Коментари

коментар(и)