(ФОТО) Основци заедно со полицијата делеа флаери на возачите

Ученици од основното училиште „Кочо Рацин“, членови на училишната сообраќајна единица, денеска заедно со полицијата, делеа флаери за почитување на сообраќајните правила и прописи и за безбедно движење во сообраќајот. Акцијата е во рамки на кампањата „Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата“, а по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. Активноста ја реализира Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Отсекот за превенција при СВР Куманово, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и основните училишта.

-Денешната активност има за цел јакнење на свеста кај сите учесници во сообраќајот, а тоа подразбира и пешаци и возачи на моторни возила, без оглед на годишната возраст, за поголема сообраќајна култура, почитување на сообраќајните правила и прописи за да имаме што помалку жртви во сообраќајни незгоди и секако лица кои што се повредени при тоа. Во претходниот период Отсекот за превенција спроведува едукативна кампања почнувајќи од младите во градинка, младите од прво до петто одделение и сега во наредниот период следува едуктивниот дел со повозрасните ученици од шестто до деветто одделение и секако со оние што се во средното образование, особено со нив за возење на мотоцикли, добивање на возачка дозвола, возач почетник и се она што нив би ги интересирало во однос на безбедноста во сообраќајот-истакна Виолета Богдановска, началник Отсек за превенција СВР Куманово.

Според податоците на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата минатата година дури 133 лица го загубиле животот на улиците и патиштата низ државата, а 5.860 лица биле сериозно повредени.

-Во државата од 150 до 160 лица годишно го губат својот живот и околу 6.200 лица се здобиваат со телесни повреди. Со оваа акција апелираме за што побезбедно и посигурно одвивање на сообраќајот и апелираме до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се намали бројот на повредени и жртви во сообраќајни незгоди-нагласи Бојан Петковски од Одделение за инфраструктура и сообраќај при Општина Куманово.

Учениците освен на возачите флаери поделија и на присутните во околните угостителски објекти, во близина на средното училиште Перо Наков.

Коментари

коментар(и)