Христијан Мицкоски утре на средба со граѓаните

На градскиот плоштад во Куманово утре со почеток во 12 и 30 часот ќе се одржат разговорите за обнова на Македонија, кампања што ја реализира ВМРО-ДПМНЕ. На средбата ќе присуствува и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Кумановци ќе имаат можност одблиску да ги кажат своите проблеми.

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски утре од 12:30 до 14:30 часот на градскиот плоштад во Куманово под мотото „Приклучи се на разговорите за обнова на Македонија“ ќе има средби со граѓаните, информираа денеска од Општинскиот комитет на партијата.

Како што кажа на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, акцијата има за цел граѓаните одблиску да ги кажат своите проблеми.

– Оваа акција има за цел вие граѓаните да може одблиску да ги кажете своите проблеми и потреби, кои подоцна ќе бидат преточени во прогамски решенија на нашата партија. Ајде, дојдете да разговараме, а таму ќе ве пречека раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со проф. д-р Христијан мицкоски и неговиот тим, рече Петрушевски.

Живееме во тешко време, рече тој, исполнето со несигурност, револт и многу наталожени и нерешени проблеми. Според Петрушевски, Македонија и Куманово се на погрешна патека.

– Секој изминат ден значи нови проблеми, нови осиромашувања, нов удар врз домаќинството на нацијата и земјата. Неправдата е знак на оваа власт, неработата е нивна одлика, а неспособноста е нивен карактер. ВМРО-ДПМНЕ ја разбира вашата разочараност и револт поради сиромаштијата, неправдите кои стегаат, ударите врз достоинството и бесценетите работи кои власта ги продава. ВМРО-ДПМНЕ  е свесно за апатијата поради урнисаното земјоделие, несправувањето со загадувањето, иселувањето на младите, криминалот и корупцијата, како и ударот врз бизнисите. Владеењето на правото е на последно место, а економијата тоне, рече Петрушевски на прес конференцијата.

На утрешните разговори, како што појасни претседателот на кумановскиот огранок на партијата, Мицкоски со својот тим ќе ги слушне проблемите на граѓаните кои подоцна ќе ги преточат во програмата за претстојните парламентарни избори.

Коментари

коментар(и)