Целодневен престој на децата со посебни потреби во „Браќа Миладиновци“

Од идната недела ќе започнат активностите за доградба на простории за целодневен  престој на децата со посебни потреби во основното училиште Браќа Миладиновци. Со средства добиени преку проект од министерството за труд и социјална политика ќе се догради делот од училиштето каде што се посебните паралелки , односно на улицата Тане Георгиевски, позната меѓу кумановци како Циганско сокаче. Свеченото пуштање во употреба на објектот веројатно ќе биде на  11 Ноември, информира директорката Марина Манојловска.

– Бидејќи е доградба, постои горниот дел, останува долниот, опремата ја очекуваме во наредните недела –две да пристигне затоа што тука ќе мора да има и нови вработувања. Тоа е целодневен престој во класична смисла како градинка, со појадок, ручек и ужина, со вработени кои ќе имаат на располагање простории за работа со учениците, спиење, училници за активности, кујна , тоалети, така што објектот ќе биде по сите параметри кои ги предвидуваат стандардите за таков објект. Се надевам дека и граѓаните и децата ќе бидат задоволни. Јас со самото тоа што е веќе сторено сум задоволна и се надевам дека во иднина тој објект ќе има можност и за уште поголемо проширување, изјави Марина Манојловска, директор на ООУ„Браќа Миладиновци“

Во посебните паралелки  во моментов учат 55 ученици од прво до деветто одделение. Со доградбата на простории  ќе се овозможи проширување на капацитетот , а целодневниот престој ќе можат да го користат сите граѓани кои што имаат потреба.

-Самиот објект кој ќе се догради ќе биде на ниво на општина Куманово , а тоа значи дека нема да го користат само нашите ученици,  туку сите кои посакуваат  можат да бидат запишани, да работат и да  учат во тој објект. Реално таму групата ќе помала од 15 – 20 деца , во секој случај сите параметри за дејствување и за работа на објектот ќе бидат накнадно договорени со министерството за труд и социјална политика и со градоначалникот на општина Куманово . Притоа изразувам и навистина огромна благодарност до МТСП и министерката Мила Царовска кои имаа слух за потребите на децата од овој број, изјави Марина Манојловска, директор на ООУ„Браќа Миладиновци “

Основното училиште „Браќа Миладиновци“  годинава со своите идеи, планови и програми што ги има зацртано  успеа првпат да се вклучи во Еразмус програмата. Активностите ќе започнат наредниот месец, а првата  посета во рамки на Еразмус проектот ќе биде Истанбул.

Коментари

коментар(и)