ЦИВИЛ на средби со градоначалници за мултикултурализмот и европските вредности на локално и национално ниво

ЦИВИЛ започнува со серија средби со градоначалници на кои е предвидено да стане збор за соработка и организирање јавен настан на тема „Граѓански дијалози за предизвиците и перспективите на мултикултурализмот и европските вредности на локално и национално ниво“.

Првите три средби се закажани со градоначалниците на Центар, Куманово и Гостивар. Со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, претставниците на ЦИВИЛ ќе се сретнат на 7 април, со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на 6 април, и со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, на 11 април . По средбите, ЦИВИЛ ќе излезе со соопштение за заклучоците од средбите.

Овие средби се дел од проектот на ЦИВИЛ „Заедно за подобра иднина“, посветен на промоцијата на мултикултурализмот и европските вредности, а се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург.

Првата компонента на проектот е под наслов „Граѓански дијалози“ каде што се поканети претставнички и претставници на локалните институции на власта, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации и други форми на граѓанско здружување, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците.

Сите заедно, ќе бидат дел од низа активности и настани на локално ниво со кои ќе се промовираат мултикултурализмот и европските вредности, но истовремено ќе се создаде и платформа на која сите засегнати страни ќе ги говорат за предизвиците, но и за решенијата и перспективите на клучните теми и процеси на локално и национално ниво.

Коментари

коментар(и)