ЦИД со проект за првачињата од Вук Караџиќ и Наим Фрашери

Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово денеска организираше завршна манифестација за првачињата од основните училишта Вук Караџиќ и Наим Фрашери. Активноста е во рамки на проектот Инклузивни методи за деца со различна позадина, кој е од Еразмус плус К3 програмата. Координаторот на проектот, Нами Исаки истакна дека проектот почнале да го реализираат минатата година, а досега имале четири заеднички работилници.

-Мислиме дека е добро да работиме со првачињата, за да од рана возраст им се објасни што е инклузија. Во рамки на овој проект имаме организирано неколку размени, бидејќи проектот се спроведува во десет европски држави. Исто така имавме и тренинг за наставници, кој се одржа во септември. Тие имаа можност со различни ментори и експерти од оваа област да учат за инклузија. Ги избравме овие две училишта бидејќи се единствени во нашиот град кои се наоѓаат во близина-посочи тој.

На работилниците се опфатени повеќе од 120 ученици и осум наставници од двете училишта.

-Беа разработени повеќе техники, лимон, љубов, кај кого е шамивчето и животот на боите. Произлегоа повеќе продукти, хамери за љубов со срце, беџеви, платно со отпечаток на дланка, цртежи и детски игри. Децата се зближија, другаруваа, се учеа зборови на различен јазик од мајчиниот, се надевам дека ќе продолжиме со активностите со партнер училиштето-додаде Јелена Мандиќ, одделенски наставник во ОУ „Вук Караџиќ“.

-Заедно во соработка со Вук Караџиќ ние учествувавме во работилници во кои главната цел беше да се зближиме сите заедно, да научиме неколку зборови од другиот јазик. Работилниците поминаа многу убаво, се зближивме, направивме интересни проекти и цели кои може да ги видите, се надеваме на понатамошна соработка и дека многу повеќе ученици можат да другаруваат-додаде Гзими Исмаили одделенски наставник „Наим Фрашери“.

Завршната манифестација од проектот „Инклузивни методи за деца со различна позадина“, ќе се одржи на 23-ти ноември, а ќе присуствуваат гости од неколку европски држави.

Коментари

коментар(и)