Петмина заболени во Куманово, еден во Липково од 103 нови случаи

Нови 103 случаи, пет починати лица и 13 излекувани е ковид билансот во земјава во последните 24 часа, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Во изминатото деноноќие, направени се 841 тестирање при што од вкупниот број новозаболени, вирусот е детектиран кај петмина кумановци, еден жител на Липково, а повторно најмногу во Скопје, 46 случаи.

Со последните податоци, бројката на активни случаи во Куманово изнесува 225, а од почетокот на епидемијата вкупниот број на заболени од коронавирусот достигна 645.

Инаку, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Куманово на 80 годишна возраст, на Клиниката за гастро-ентеро-хепатологија почина 74 годишна скопјанка, во ГОБ „8 септември“ починаа две лица од Скопје, пациентка на возраст од 73 години и на 45 години. Во Клиничката болница во Тетово почина 65 годишен тетовец.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4.157, бројката на оздравени пациенти е 1.723, на починати е 193, а бројот на активни случаи во земјата во моментот изнесува 2.241.

Од направените тестирања во изминатото деноноќие, 123 се во рамките на скринингот во градинки во Штип и Охрид каде се потврдени 4 позитивни случаи, по два во двата града.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа нема прием на нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 95 пациенти.

Во ГОБ „8 септември“вкупно се хоспитализирани 113 пациенти. На респираторна машина се 10.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти, а во болницата во Штип 18 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, во Охрид, во Велес, во Куманово и во Прилеп се лекуваат 66 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19.

Коментари

коментар(и)