Јануарската пензија ќе се зголеми за 1.2 отсто, поради пораст на животните трошоци

Пензионерите, почнувајќи од јануари, ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот кои во второто полугодие од 2020 година во однос на првото полугодие истата годинa изнесуваат 1,2 отсто.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 185 денари на ниво на просечна пензија и 134 денари на ниво на најниска пензија.

Инаку, редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината и тоа од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува оддржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата.

Почнувајќи од 2019 година покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто.

Народски кажано, доколку немате калкулатор при рака, ако пензијата ви е 14.500 денари, очекувајте да ви се зголеми за цели 174 денари. Барем половина килограм мелено месо месечно.

 

Коментари

коментар(и)