ЈП „Чистота и Зеленило“ ги уредува зелените површини

Екипи на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ работат на поставување на нови садници долж улиците „11 ти Октомври“ и булеварот „Октомвриска револуција“, истакна при гостувањето во емисијата „Став“, директорот Даниел Стојчевски.  Тој посочи дека во наредниот период ќе се обидат да постават нови садници на сите зелени површини на ниво на општината.  Ќе се опфати крстосницата меѓу булеварите Трета МУБ и Октомвриска револуција и ќе се продолжи кон населбата Гоце Делчев. Планирано е да бидат уредени и двата плоштади, каде веќе е воведен нов систем за наводување.

-Ние имаме повеќе зелени појаси во градот, кои се многу тешки за одржување, создавање на нови зелени површини од аспект на тоа што имаме недостаток на доволно вода за одржување и полевање. Веќе имаме распишано тендерска постапка за создавање на бушотини во одредени делови на градот каде ќе ги користиме за надводнување на зелени површини-нагласи тој.

Стојчевски нагласи дека ќе настојуваат и да се постави систем капка по капка во самите жардиниери за да можат да се направат поубави садници со поинтересен изглед.

-Во наредниот период ќе влеземе и во фаза на два нови дрвореди едниот ќе биде долж улицата Тоде Мендол каде во моментот се прават нови тротоари и едниот ќе биде долж улица 100 во населба Карпош каде е завршено поставување на новиот тротоар таа акција ќе ја спроведеме заедно со Општина Куманово-нагласи тој.

Директорот на Чистота и Зеленило истакна дека само во изминатите пет месеци имаат организирано акции за чистење на повеќе од 30 диви депонии.

 

Коментари

коментар(и)