100 години од творештвото на Муфтински

Во уметничката галерија при националната установа Музеј вчеравечер беше отворена изложбата „100 години од творештвото на Трајко Муфтински (1919 -2019)“. Изложбата е авторски проект на Славица Крстиќ, советник, историчар на уметност во музејот. На изложбата беа претставени  70 –тина дела со профана и световна содржина, како и десет колор фото –постери со иконографското творештво на Муфтински, главно од кумановските цркви.

Муфтински заедно со Кирил Караџа е еден од  основоположниците на македонската современа уметност , кој создал над 200 ликовни дела.

-Трајко Муфтински (1895 – 1963) е првиот академски сликар и зограф од Куманово. Основно и средно образование завршил во родниот град, а се образивал во Белград, Прага и Загреб. Во 1927 година завршил Виша школа за уметност и уметнички занаети на Ликовната академија во Загреб, имал стуиски престои во Прага и Париз. Од својата 23 –годишна возраст професионално се занимавал со иконопис и фреско – сликарство, главно во црквите од кумановската и врањската околина. Првите почетоци се регистрирани во 1919 година во црквата Успение на  Света  Богородица во село. Секирије, Врањско, рече Драгана Спасковска, кустос во НУ Музеј Куманово

„Трајко Муфтински е првиот академски сликар и зограф од Куманово“, рече на отворањето на изложбата Десанка Стошевска, Секретар на Општина Куманово.

-Неговата богата уметничка биографија покажува дека Куманово имало уметници кои што твореле и создавале дела кои вечно траат до ден денешен, верувам дека ќе останат и понатаму да траат. Изложбата ја прогласувам за отворена, рече Десанка Стошевска, Секретар на Општина Куманово

Пред присутните се обрати и авторот на изложбата Славица Крстиќ која што додели благодарници на своите соработници за информациите од контактите со Муфтински и неговото семејство, за отстапените ликовни дела на изложбата, за оригиналните  документи и фотографии поврзани за неговата биографија.

-Благодарница за Слободанка Атанасовска во знак на помош од нејзина страна која ме упати каде да ги барам потомците на Трајко Муфтински, но благодарници  и за други информатори кои што ми помогнаа во истражувањето. Благодарност и до Општина Куманово, до министерството за култура, рече Славица Крстиќ, автор на изложбата

Муфтински за време на неговиот живот, имал една  самостојна изложба во Куманово, на 11 октомври 1960 година во салата на КУД Панче Пешев во Куманово.  Се инспирирал од класицизмот и средновековната уметност, создавајќи прекрасни дела, пејзажи во импресионистички стил, реалистични ентериери, мртва природа, портрети, автопортрети, актови, цртежи, акварели.

Изложбата „100 години од творештвото на Трајко Муфтински“ финансиски е поддржана од министерството за култура, градоначалникот и советот на општината како дел од програмата „500 години Куманово (1519-2019)“ во рамките на манифестацијата „Куманово – град на културата 2019“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)