11 жители на Липково и еден кумановец меѓу новозаболените

11 новозаболени жители на Општина Липково и еден граѓанин на Куманово од вкупно 89 нови случаи на ковид – 19 во изминатото деноноќие регистрира министерството за здравство. Најмногу од новозаразените се од Скопје, 35 лица.

Во последните 24 часа починале и седум лица како последица на компликации од коронавирусот  на возраст од  44 до 83 години. Двајца од починатите се од Куманово  на возраст од 66 и 73 години, останатите се од Скопје, Струга и Тетово.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи.Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се 3 позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.315, бројката на оздравени пациенти е 1.569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.

Во Куманово, активни случаи на коронавирусот има 55, од кои што поголемиот дел заболени потекнуваат  од Општина Липково.

 

Коментари

коментар(и)