Жителите на Романовце го блокираа приодот кон селото – бараат асфалтирање на патот

Патот кој води кон Романовце, во близина на автопатот Куманово – Скопје, денеска беше блокиран од револтирани жители кои бараат поставување на асфалтен слој на влезот од селото. Според, претседателот на месната заедница Орхан Ахмети, најголемиот проблем настанува во зимските периоди, кога возењето е отежнато, а возачите ги оштетуваат своите автомобили и го загрозуваат сопствениот живот. Кога врне дожд, на одредени места се собира вода, па еден од главните патишта кои водат кон селото е целосно непроодлив, а во летните периоди се крева прашина која се разнесува низ целото село. Со сопствени автомобили, камиони и трактори жителите го блокираa приодот до селото кој бараат да биде асфалтиран.На ваква радикална мерка се одлучиле откако во неколку наврати им било ветено дека ќе добијат асфалт, но ветувањето не било исполнето.

– Денеска ветуваат, утре забораваат. Имаме и писмо пуштено пред година ипол за овој нецел километар асфалтирање. Блокираме поради оштетувањето на земјоделските артикли и прашината којашто многу се крева и пречи на селото, автопатот и зеленчукот. Усмено имаме одговор, но не и писмено. Ветуваат дека ќе биде решен проблемот, изјави Орхан Ахмети, претседател на М.З. Романовце.

Жителите на Романовце потврдија дека неколку пати побарале од градежната фирма „Бетон“ да го асфалтира патот, но на нивните писмени барања немало одговор. И покрај тоа што тие неколку пати самоницијативно го расчистувале патот и барале некакво решение, никој не може да превземе одговорност за нивните оштетени автомобили, а никој не сака ни да се ангажира околу разгледување на нивните барања, па токму поради тоа тие биле приморани да реагираат на ваков начин, велат жителите.

– Јас два пати имам плаќано машина да го исчисти од вода. Кога ќе заврне се собира по пола метар вода. Во зима со лопата го чистев за да не се задржува вода. Договорот беше да го асфалтират малиот дел кога ќе се затопли времето. Самите гледате каков е патот, во 21ви век живееме, а по ваков пат се движиме, изјави Раде Пандиловски.

-Имам скршено спојлери, имам скршено браник, бандаж искривено. Проблем, да, претставува голем проблем. Нема одговор уште, да имаше одговор ќе беше направено, вели Игор Димковски.

Екипата на телевизија Плус стапи во контакт со градежното претпријатие „Бетон“ во обид да дознаеме повеќе информации, но оттаму велат дека моментално преговараат со општина Куманово со цел да се најде прифатливо решение, но подетални информации не дадоа.

Блокадата претставуваше проблем за граѓаните кои патот го користат за да стигнат до одредена дестинација. Иако тие не сакаа да зборуваат пред камера, но велат дека жителите на Романовце треба да најдат друг начин за искажување на своето незадоволство, без да попречуваат нечие движење.

Жителите на Романовце нагласија дека патот ќе го блокираат се додека не добијат писмено одобрување на нивното барање за асфалтирање на приодот кој води кон селото.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)