14-годишниот Милановски од Куманово победник на натпреварот на ФАО за постер за Светскиот ден на храната

Светскиот ден на храната во 2020 година беше глобален повик да им се заблагодариме на хероите на храната – земјоделците и работниците низ целиот синџир на снабдување со храна кои, без оглед на околностите, обезбедуваат храна за нашите заедници и пошироко. Ова го инспирираше 14-годишниот Павел Милановски од Куманово да ги преточи својот уметнички талент и имагинација во победнички постер кој им оддава чест на земјоделците како херои на храната.

 

Во силна конкуренција на деца и млади ширум светот, нашиот Павел ја освои првата награда во категорија од 13 до 15 години на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната. Павел, инаку, има освоено многу други национални и меѓународни уметнички натпревари на теми поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина.

На прашањето што го инспирираше да го креира победничкиот постер, Павел изјави дека имал голема желба да даде поддршка  во подигнување на јавната свест околу Светскиот ден на храната, како и за важноста на креирањето пооддржливи системи за храна и едноставните активности што секој од нас може да ги превземе за да растеме, да се исхраниме и да го изградиме светот како поубаво место за живеење.

 

„Да се почитува храната значи да се почитуваат производителите на храна и природните ресурси во нашата животна средина“, вели Павел. Во неговиот постер, тој објаснува: „земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот“. Затоа, според Павел, „не смееме да ја земаме храната и луѓето што ја произведуваат здраво за готово. Тие треба да бидат мотивирани да одгледуваат разновидна храна за да ги нахранат луѓето и да ја оддржуваат нашата планета “.

 

Пренесувањето на ова знаење на новите генерации е од витално значење за иднината на она што значи квалитетна храна и Светот Без Глад.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)