(ВИДЕО) 15-годишен јубилеј на дневниот центар „Порака наша“

Дневниот центар „Порака Наша“ денеска одбележува 15 години постоење во рамките на здружението Регионален центар за лицата со интелектуална попреченост.

„Од центар кој започна со едноставни активности, „Порака наша“ прерасна во центар водечки во општината во кој престојуваат 21 корисник со лесна и средна интелектуална попреченост, кај кои што преку низа активности е постигнато одредено ниво на развивање на самостојни вештини “, истакна по повод денешниот јубилеј, психологот Мартина Костовска. Таа посочува  дека функционирањето на дневниот центар изминативе години го овозможуваат и олеснуваат, не само општината и Советот, туку и голем број донатори, граѓани, организации, општествено одговорната локална бизнис заедница преку финансиска поддршка или донација во храна.

-Би сакале да се заблагодариме на сите наши досегашни и идни донатори без кои што функционирањето на овој дневен центар не би бил возможен. Во моментот имаме еден активен проект кој што се однесува на домашна нега во домашни услови за лица со интелектуална попреченост и стари лица кој го работиме во соработка со Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и кој што е спонзориран од австриското министерство за социјални работи и во соработка со австрискиот црвен крст. Би сакала да напоменам дека сега, откако имаме нов секретар во здружението, Маре Бојковска се зајакнавме како тим, имаме нови донатори од бизнис заедницата кои што од овој месец започнаа и се понудија да ни носат храна која не се подготвува тука, туку во нивните угостителски објекти. Ќе доделуваме и благодарници како и секоја година, оваа година особено е важна бидејќи се работи за 15-годишен јубилеј и со нив на некој скромен начин ќе се обидеме да им се заблагодариме и на сите хумани граѓани кои што годинава придонеле со своите финансиски донации или донации во храна, на бизнис заедницата, на општина Куманово, градоначалникот и Советот на општината кои делумно финансиски го поддржуваат дневниот центар, на ТВ Плус со која соработката продолжува и во иднина, изјави Мартина Костовска, психолог во „Порака наша“

Согласно протоколот за работа на дневните центри во услови на пандемија, и во „Порака наша“ се реализираат само одредени активности, повеќе практични, како што е одржувањето на хигиена во центарот, а не е дозволена примена на дидактички материјали, што пак негативно се одразува врз корисниците.

-Имплементирани се оние активности кои што не бараат допир на раце, кујната не работи поради тоа што не може да се готви во затворен простор, проветруваме на секои два часа, на дистанца сме, не можеме да користиме дидактички материјали, она што е од особено важност затоа што со тоа ги имплементираме когнитивните активности, се развива нивниот мозок, се оддржуваат некои знаења, се забележува дека после година ипол неодржувањето на тие активности има влијание врз самите корисници, забораваат некои работи кои што се трудиме да ги повториме, особено кога се работи за 03 декември, Меѓународниот ден што го одбележавме, 06 декември, годишнината на центарот. Во пресрет на новогодишните празници ќе се бидеме да се потсетиме на се она што сме го поминале низ поранешни видеа и фотографии затоа што не сме во можност да ги имплементираме сега. И во наредниот период ќе се обидеме да работиме она што можеме, генерално се извршуваат практични работи, одржување хигиена во дневниот центар и слично, изјави Костовска.

Повеќе од 50 проценти од корисниците на дневниот центар се вакцинирани, велат надлежните, потенцирајќи дека во услови на пандемија во центарот престојуваат само оние корисници за кои што добиле согласност или изјава од родителот или старателот. Денеска на одбележувањето на 15 години од постоењето на центарот, корисниците беа пријатно изненадени од посетата на нивниот поранешен педагог, а сегашен директор на Домот за стари лица, Дејан Стојановски, но и од повторната средбата со советничката Невена Величковска која што често е гостин во „Порака наша“.

 

Коментари

коментар(и)