20 куќи ќе бидат целосно урнати во населбата „Тоде Мендол “

Од денеска започнаа да се уриваат оштетените куќи во населбата Тоде Мендол. До темел ќе бидат срушени 16 куќи кои во полициската акција против терористите беа целосно запалени и уште 4 куќи во кои нема услови за живот, поради што сопствениците привремено живеат  под кирија. Жителите се задоволни од одлуката на Владата да им ги исплати парите во рок од 15 дена после завршувањето на градежните активности, согласно извршената проценка на оштетувањето од надлежната комисија.

-Добивме информација пред две вечери дека околу 2 часот наутро било решено во Владата да се пуштат парите, односно директно кај нас да се пуштат парите и ние да си ги работиме работите сами. Ја користам приликата да им се заблагодарам уште еднаш, изјави Агрон Ајдини, жител на населбата „Тоде Мендол“

Осумчленото семејство на Агрон Ајдини живее во стан под кирија, во близина на нивниот дом.

-Mоменталнo сме под кирија кај Mини маркет во 55 квадратни метри 8 луѓе, и се снаоѓаме. Најверојатно уште 3-4 месеци ќе живееме таму, а и киријата ни е исплатена за 3 месеци, и по 100.000 денари  првична помош од Владата, рече Ајдини

Жителите на Тоде Мендол се благодарни на сите хумани луѓе и организации кои несебично им помагаат во овие тешки денови за нив. Се надеваат дека брзо ќе се урнат уништените домови, по што ќе се постави канализациона и водоводна мрежа и конечно ќе се создадат услови за изградба на нови куќи.

Инаку, денеска до пладне беа срушени 4 куќи лоцирани на улиците „Перо Илиевски “ и „Рушит Шаќир. Уривањето на уништените домови се врши со четири градежни машини, а со шест камиони се изнесува отпадот и се складира на депонијата Краста кај селото Пчиња. Сите активности се со државни пари.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)