21 март се одбележува како Ден на екологијата. Да се грижиме за околината значи сметот да го фрламе на одредено место, помалку возење на автомобили, по можност- велосипеди, да употребуваме еколошки неотровни средства за домаќинство, да засадуваме нови садници и многу други активности што се неопходни да се придонесе за почиста околина и поздрава средина.
Во последните години екологијата станува се поактуелна, поради поголемите нарушувања во природата што ги предизвикува човекот. Но, она што им недостига на голем дел од граѓаните на Куманово е еколошка свест и култура, велат од здружението на граѓани „Кумановски акцијаши “ токму по повод денешниот ден.
– Сепак како човек кој верува во своето свесно битие верувам дека со конкретни активности во сферата на формирањето на еколошката свест и култура можеме да дојдеме до оној почетен стадиум на развивање и од тој аспект „Кумановски акцијаши “ имаат донесено Програма за заштита и унапредување на животната средина 2018-та година под име „Зелено Куманово“, каде што една од главните задачи е формирањето на еколошка свест. Сега ние не одиме на она класично теоретско туку во комбинација работно- еколошка акција и едукација. Едукацијата е многу битна и токму од тој аспект ние ќе почнеме од почетниот стадиум на човекот т.е од најраната возраст , имаме осмислено еколошки работилници во основните училишта каде што преку забава и игра младите ќе ги стекнат основните познавања за животната средина, изјави Јусуф Љатифи, претседател на ЗГ „Кумановски акцијаши“
Глобалниот проект „Зелено Куманово“, како што посочуваат од „Кумановски акцијаши“ е отпочнат во 2016-та година , а ќе трае се до проработување на еколошката свест кај граѓаните , односно до оној момент кога ќе има помалку диви депонии во градот и околината. Еден од локалитетите кои што волонтерите со низа еколошки акции сакаат да го ревитализираат е Спомен костурница. Но , „Кумановски акцијаши “ ќе продолжат со акциите и на други локации.
– На Спомен костурница оваа година направивме две акции, минатата година 13, а 2016 –та осум, секоја година оди во нагорна линија и тоа е се во нашите интенции да го ревитализираме локалитетот Спомен костурница со тоа што би кажал јавноста да не мисли дека ќе работиме само таму, туку со глобалниот проект Зелено Куманово предвидено е сите излетничко -рекреативни места во Куманово и објекти од историско значење , Менкова колиба, Студена вода, Градскиот парк , и нормално секаде каде што ќе постои иницијатива на граѓаните да се организираат и слободно да не поканат нас „Кумановски акцијаши“ со комплетното членство ќе дојдеме. Просечната старост на членовите на здружението е 16,4 години, имаме 272 члена од средни и основни училишта, најстар член е професорка Јагода Томовска, а најмлад- мојата внука која има девет месеци ,изјави Јусуф Љатифи, претседател на ЗГ „Кумановски акцијаши“
Инаку, за разлика од претходните години кога учениците на денот на екологијата засадуваа цвеќиња и разни садници во училишните дворови, се грижеа за одржување на хигиената во училиштето и дворовите, годинава за учениците денешниот беше само обичен училишен ден, без активности по повод денот на екологијата и пролетта.