(ВИДЕО) 29-та Лесновска ликовна колонија во Куманово

Триесет дела од 29-та Лесновска ликовна колонија ќе бидат изложени во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ в четврток во 13 часот. Станува збор за слики работени претежно во техниката акрил на платно и масло на платно, во периодот од  28 јуни до 03 јули минатата година од страна на петнаесетте учесници на колонијата. Со свои дела на изложбата ќе се претстави и кумановската уметница Валентина Илиевска.

-Станува збор пред се, за релативно добрата соработка на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со Домот на култура од Пробиштип, преку размена на изложби, но некогаш сме имале можност да разменуваме и проекти од други области. Изложбата е 29-то издание на Лесновската ликовна колонија која во изминатиот период имаше еден предзнак на меѓународна изложба, меѓутоа оваа година за жал, поради пандемијата има само еден учесник од странство, од Монголија, додека другите 14 уметника кои што учествуваат на изложбата се од Македонија. Од нашиот град е застапена Валентина Илијевска, графичарка, една од, можам да кажам ретките која има континуитет во својата работа и тоа не само во своето атеље, туку и ширум земјата и во странство, претежно учествува на ликовни колонии каде што своите најнови идеи, своите најнови видувања и најнови ликовни решенија ги презентира. Таа ќе биде застапена на оваа изложба со три дела, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност

Лесновската меѓународна ликовна колонија се организира од 1992 година од Домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип, а во 2021 година доби финансиска поддршка и од Министерството за култура .

Во Куманово изложбата ќе биде поставена до 23 февруари 2022 година. Утредента, на 24 февруари во изложбениот салон на центарот за култура кумановци ќе имаат можност да ги видат делата на Илија Струмениковски, актер во пензија.

-Во подготовка е изложбата актерот во пензија, Илија Струмениковски, со наслов „Стеги“, се работи за 20 дела, кои се работени во техника акрил на картон. Практично ова значи продолжување на неговата работа, се работи за христијански теми дадени во една експресивна форма, доста впечатливо и мислам дека изложбата ќе предизвика интерес кај публиката, изјави Цветковски.

Првата изложба на слики на Струмениковски е реализирана на 08 февруари 2013-та година во центарот за култура.

 

Коментари

коментар(и)