3-ти Декември- Меѓународен ден на лица со попреченост

Oколу 15 отсто од светската популација се соочува со некаков вид на попреченост според претпоставките на Светската здравствена организација, соопштија од Хелсиншки комитет по повод одбележувањето на Меѓународниот  ден на лицата со попреченост.

Фокусот на годинешниот  3-ти Декември ќе биде ставен на градење подобар свет за лицата со попреченост, свет кој ќе биде инклузивен и пристапен за оваа категорија граѓани.

Според Хелсиншки, непристапноста на информациите поврзани со вирусот ковид 19, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот.

„Потребно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите процеси на креирање на политики, мерки и закони, кои го засегаат нивниот секојдневен живот“, велат од Хелсиншки.

За ова веќе подолго време се залага и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од каде што потенцираат дека треба да се донесе Национален регистар на лицата со попреченост бидејќи официјално не се знае колкава е бројката на лицата со посебни потреби во Македонија.

Освен Инклузива, во Куманово веќе 14 години  функционира и Дневен центар за лицата со интелектуална попреченост чија програма е насочена кон развивање на вештини за самостојно живеење на лицата со интелектуална попреченост, едукативни активности, работно-окупациони активности и организирање на слободното време.

Директни корисници на проектот се 21 возрасно лице со умерена и тешка интелектулна попреченост од мулти-етнички состав и нивните семејства.

Денеска по повод 3-ти Декември , на корисниците на дневниот центар им пристигна интересно изненадување од нивната пријателка Емилија Крстиќ, која секоја година без разлика каде се наоѓа – никогаш не го заборава овој ден и корисниците на дневниот центар.

За разлика од „Порака наша“ , кој финансиски е поддржан од општината и донатори, Дневниот центар за лица со посебни потреби сместен во еден дел од градинката „Ангел Шајче“, кај поранешниот ЧИК во Куманово, е во надлежност на министерството за труд и социјални работи.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)