300.000 денари од Општина Куманово за Драч

300.000 денари ќе бидат одвоени од буџетот на Општина Куманово за помош на албанската општина Драч која што пред два дена беше погодена од катастрофален земјотрес во кој според последните податоци, животот го загубија 40 лица, повеќе од 650 се повредени, а причинета е огромна материјална штета.

Ваквата одлука беше донесена на денешната вонредна седница, а средствата ќе се издвојат од ставката – средства за Советот на Општина Куманово, тековни резерви и ќе се искористат да се набави храна и хигиенски средства кои ќе бидат упатени кон збратимената општина Драч.

– Се подразбира дека не постапуваме на вообичаен начин особено кога се вакви причините кога мотивот е солидарноста, хуманоста, сочувството, емпатијата со нашите браќа од Драч, со нашите соседи кои често ги посетуваме во туристички и други цели, роднински и пријателски, тогаш нема простор и причина за поделба и разделба ниту политичка, верска, ниту на национала основа. Постапувањето на членовите на советот, администрацијата и граѓаните кои се одзваа на повикот за помош го потврди високиот степен на свест на жителите на Куманово, поврзаноста и подготвеноста веднаш да се помогне каде што е потребно, рече Атина Мургашанска, претседател на Советот.

Пораки за сочувство и поддршка упатија и дел од советниците.

– Ги сожалувам фамилиите што ги изгубија животите и нивните блиски, на повредените им посакувам најбрзо здравје во општина Драч. Откако се случи ова сите граѓани на Република Македонија беа многу организирани и солидарни за да помагаат и беа многу сложни во нивните акции за помош, значи ова е добро и Ви благодарам, рече советникот Фатмир Идризи

– Во име на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата да им изразам сочувство на настраданите од земјотресот во соседна Албанија и да кажам дека ние како советничка група ќе поддржиме било каква помош што Општина Куманово ќе ја даде на соседна Албанија и на пријателскиот град Драч, рече советникот Драган Петковски.

– Повеќе од потребно е да се обезбедат вакви средства, поради големиот број загинати и повредени лица кои се наоѓаат под отворено небо, поддржуваме било какви средства да бидат обезбедени. Само тоа што градот Скопје во 1963 година беше разрушен и е познат како град на солидарноста и изграден со помош на целиот свет, ние сме тие како соседи кои треба да обезбедиме помош на градот Драч и другите населени места, изјави Александра Андоновска од СДСМ.

Сепак,  според дел од советниците станува збор за симболична помош и предложија во иднина градоначалникот да изнајде дополнителни средства за помош на Албанија.

-Ми изгледа многу мала сума за Општина Куманово. Надлежните да се обидат да изнајдат уште средства  кои што можат да се дадат за оваа намена , а ние како советници ќе го подржиме тоа, рече Драган Петковски

-Ова е максималниот износ што како прва помош можеме да доделиме, директно од средствата на Советот на Општина Куманово, рече Атина Мургашанска, претседател на Советот

Општина Куманово е збратимена со Општина Драч од 2003-та  година.

Инаку, граѓанската иницијатива„ Куманово за Албанија” од вчера започна хуманитарна акција за помош на настраданите семејства во земјотресот  во Драч. Пунктот за донирање е поставен на градскиот плоштад во Куманово, а акцијата ќе трае неколку дена.

Коментари

коментар(и)