374 места за запишување во гимназијата „Гоце Делчев“

Утре и во среда е првото пријавување и запишување на учениците, а ранг-листите со резултатите и слободните места ќе се објават на 18 јуни. Деветоодделенците имаат можност своето образование да го продолжат во едно од четирите средни училишта во градот.

Според Конкурсот, во гимназијата „Гоце Делчев“ во наредната учебна година предвидено e да се запишат 374 ученици во 11 паралелки, од кои 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски  јазик , а останатите на српски наставен јазик, информира директорката Марија Тодоровска.

-За првпат оваа година имаме една паралелка на српски јазик и веднаш да посочам дека учениците кои што своето основно образование го завршија следејќи ја наставата на српски јазик можат тоа да го продолжат во гимназијата. Според конкурсот,  условите за запишување во прва година во гимназијата се: свидетелства за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, извод од матични на родените, не мора да биде најнов, пријавата која треба претходно да ја обезбедат која ние ја имаме прикачено на нашата веб страна на инстаграм, на фејсбук, на сите социјални мрежи, а исто така и на министерството за образование и наука. Минимум поени за запишување на учениците во гимназијата е 60 поени, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“

Како проект на француската Влада, поддржан и од француската амбасада во гимназијата „Гоце Делчев“ веќе две децении постои билингвална паралелка, во која учениците можат да се запишат иако не изучувале француски јазик до деветто одделение, посочува помошник директорката и професорка по математика,  Валентина Арсиќ.

-Учениците ќе го изучуваат поинтензивно францускиот јазик и доколку не го учеле можат да надополнат со тоа што го изучуваат два часа неделно како втор странски јазик и плус дополнителни три часа ги нарекуваме лекторски часови. Наставата ја изведува професионален кадар кој што следел многу обуки, тука во Македонија, а исто така и во Франција, со тоа што освен францускиот јазик и два предмети, на пример во нашето училиште математика, македонски јазик и литература,  историја и физика се изучуваат на француски јазик, меѓутоа, се разбира не целосно, туку има одредени наставни содржини кои се предвидени со програмата. Во прва година станува збор за 4 до 5 пати во текот на годината и тој број понатаму во 2, во 3, во 4 година се зголемува, како тие ќе стекнуваат поголемо ниво на знаење на јазикот тој се зголемува. Битно за билингвална паралелка е дека по завршувањето, учениците добиваат диплома за завршена матура на македонски јазик, меѓутоа и диплома за завршена билингвална настава и ниво на познавање, значи полагаат на франциски јазик, б1 или б2 зависно од нивото кое го постигнал ученикот. Освен тоа, бранат и проектна задача од дисциплината која ја слушале на француски јазик. Повеќе информации можете да видите на нашата веб страна www.gdku.edu.mk, исто така имаме свои страници на Фејсбук и на Инстаграм, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ Куманово каде што учениците можат подателно да се информираат, изјави Валентина Арсиќ, пом.директор и професор по математика

Со добиената диплома, учениците стекнуваат право да се запишат на било кој универзитет во Франција и имаат третман исто како да се француски студенти, вели професорката Арсиќ, потенцирајќи дека секоја година од четири до пет ученика своето високо образование го продолжуваат во Франција.

Инаку, според програмата на гимназиското образование,  учениците при запишувањето можат да изберат едно од трите подрачја со по две комбинации, природно-математичко подрачје А и Б комбинација, општествено –хуманистичко подрачје А и Б комбинација и јазично-уметничко подрачје А и Б комбинација, информира помошник- директорката и професорка по македонски јазик и литература, Соња Тодоровска.

За разлика од порано, официјално од пред три години учениците уште во прва година избираат насока која што ќе ја изучуваат во текот на гимназиското образование.

Оваа учебна година гимназијата „Гоце Делчев“ работи под мотото „Биди и ти гимназијалец“.

Гимназијата дава можности, информирајте се и изберете вистинска насока и подрачје, порачуваат надлежните во пресрет на уписите во средните училишта.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)