40 мигранти го напуштиле транзитниот центар Табановце

22 авганистанци и 18 мигранти од Ирак изминативе два дена избегале од транзитниот центар Табановце. Тоа се случило во период кога поради лошите временски услови кампот останал без електична енергија. Мигрантите од Авганистан  кои што  повеќе од три недели се на Табановце велат дека вакви случаи имало и порано.  

-25 дена сум во кампот, не сакам да се вратам  назад. Ние изгубивме се што имаме, сакаме да живееме мирен и безбеден живот во Германија. Ги оправдувам оние кои што побегнаа бидејќи сите сме очајни. Сите оние кои што имаат пари се обидуваат да заминат оттука,  изјави мигрант од Авганистан

Многу потешка  е состојбата на групата од 437 мигранти претежно од Сирија, кои што веќе четврти ден се во шатори во меѓуграничниот појас , на ничија земја. Со оглед на тоа што од синоќа не престанале врнежите од дожд, мигрантите денеска со лопати правеа ископи за да не се задржува водата покрај шаторите. А расте и бројот на лицата на кои што им е потребна здравствена заштита.

-Кога пристигнавме овде, Србија ги затвори границите. 4 дена сме тука, врне и многу е студено, а има многу деца и жени. Не сакаме да се вратиме во кампот бидејќи освен што имаме проблеми со авганистанците, сакаме да извршиме притисок   да не пуштат српските власти да го продолжиме патот, изјави мигрант од Сирија

Дека во меѓузоната ситуацијата е алармантна апелираат и хуманитарните организации. Од УНХЦР потенцираат дека состојбата е многу тешка бидејќи 50 проценти од мигрантите под шатори се деца, од кои половина до 5 годишна возраст, а меѓу нив и 31 бебе.

Засега се уште не се знае што ќе се случува со мигрантите откако беше затворена балканската рута.

 

Коментари

коментар(и)